Тој со своите широки зраци ќе ги пречека сите гости на ова издание на ЕМОФ и ќе им посака топло добредојде. Со својата енергија и издржливост ќе ги поддржува спортистите и ќе ги поттикнува да стигнат до посакуваните цели, а со својата широка и топла насмевка ќе ја направи атмосферата забавна и незаборавна, пишува на официјалната интернет-страница на ова големо натпреварување
Официјалната маскота за Европскиот младински олимписки фестивал „Скопје 2025“ (ЕМОФ) е Шајни, а во преден план е македонското сонце. Таа ќе сјае и ќе биде дел од еден од најголемите спортски настан во Македонија. Во конкуренција беа три предлога, по петдневното гласање, на кое можеше да учествува секој заинтересиран, победи Шајни, а гласовите беа испраќани на линкот на официјалната страница на ЕМОФ.
– Го избравте Шајни да биде официјална маскота на ЕМОФ „Скопје 2025“. Шајни доаѓа од сончевата земја Македонија. Тој со своите широки зраци ќе ги пречека сите гости што ќе бидат дел од ова издание на ЕМОФ и ќе им посака топло добредојде. Со својата енергија и издржливост ќе ги поддржува спортистите и ќе ги поттикнува да стигнат до посакуваните цели, а со својата широка и топла насмевка ќе ја направи атмосферата забавна и незаборавна. Добре дојдовте на ЕМОФ „Скопје 2025“ – пишува на официјалната интернет-страница на ова големо натпреварување.
На ЕМОФ 2025 во јули в година спортистите ќе се натпреваруваат во 15 спорта (атлетика, бадмингтон, баскет 3х3, кошарка, кану-слалом, друмски велосипедизам, планински велосипедизам, ракомет, џудо, пливање, стрелаштво, пинг-понг, таеквондо, одбојка и артистичка гимнастика).
Европскиот младински олимписки фестивал има долгогодишна традиција (првиот е одржан во 1991 година) и е првиот врвен европски мултиспортски настан наменет за млади спортисти на возраст од 14 до 18 години. Има зимско и летно издание, кои се одвиваат во двегодишен циклус, во непарни години. Настанот се одржува под олимписко знаме и е богат со олимписки традиции, како запален пламен и заклетва на спортистите и на официјалните лица.
Токму на ЕМОФ многу од талентираните европски спортски ѕвезди ги направиле своите први чекори на меѓународната сцена. На летните спортски фестивали учествуваат околу 3.600 млади луѓе и нивни функционери, а на зимските изданија има околу 1.600 учесници.
Европскиот младински олимписки фестивал е порта за олимписките игри, со многу медалисти што освоија медали на летни (ЛОИ) или на зимски олимписки игри (ЗОИ), и им дава на најдобрите млади спортисти прво искуство за тоа како изгледа еден олимписки настан, во исто време охрабрувајќи повеќе млади луѓе да практикуваат спорт и да водат здрав начин на живот, пишува Европскиот олимписки комитет (ЕОК). Г.И.