Таму некаде кон крајот на 1990-тите работев во издавачкото претпријатие „Македонска книга“. Издававме книги и имавме околу 40 книжарници во поголем дел од градовите низ Македонија. Бев одговорен за снабдување на книжарниците. Посебно внимание ѝ посветував на онаа во старата скопска чаршија, која се наоѓаше веднаш до фонтаната и ќебапчилниците.
Освен плочи, касети, цедиња, видеоленти, во самиот излог имавме и гајди, кавали, зурли. Никој друг во тој период не држеше такви инструменти. Ги земавме директно од производителите, големите мајстори на својот занает (Стојанче, Ангеле, Љупчо од Прилепско). Честопати доаѓаа музичари и ги пробуваа, а понекој ќе купеше, особено кога ќе дознаеше кој е мајсторот што го изработил инструментот.
На вратата на дуќанот стоеја името и телефонот на одговорниот, во случај на пожар, земјотрес, кражба, да има кого да го повикаат. И така, едно лето ми ѕвони домашниот телефон околу четири часот наутро, од другата страна некој од полициската станица Бит-пазар: „Ве молам дојдете, ограбен е дуќанот, стои вашиот телефонски број, веројатно сте одговорен“. Ете ме мене таму, полиција, соседите, две улични кучиња, искршено стаклото од излогот, дуќанот испразнет, ги нема инструментите: четири гајди, четири зурли, три кавали, видеокасети и носачи на звук од „Синтезис“, Ангеле Димевски, Стефче Стојковски, „Леб и сол“. Вкупната штета – околу 7.000 марки. Полицајците си отидоа, а јас почнав да го средувам излогот. Соседот од семкарницата влегува во дуќанот, точно видел што се случило, биле двајца момци и две девојки, зборувале на англиски. Извади еден плик со околу 8.000 марки. „Ова ми го дадоа да ти го предадам“… Со парите ја платив штетата.
Е, сега, што се случило дознав многу години подоцна. Странците неколку дена претходно поминувале низ чаршијата, ја слушнале музиката на „Синтезис“, биле затечени, изненадени, особено од звукот на гајдата. Два дена подоцна биле на концерт на „Синтезис“ во Битола. Музиката ги погодила длабоко и посакале да ги имаат инструментите. Дошле во затворената продавница, не успеале да ме добијат на телефонот. Го скршиле излогот, го извадиле тоа што им треба и му го дале пликот со пари на соседот од семкарницата. Ова го дознав дваесетина години подоцна, кога добив повик од Канада. Еден од момците. Се извинуваше, ги чувале инструментите, но никој не научил да свири на нив, сепак секогаш ги пуштале „Синтезис“. Овие странци ја чувствувале музиката како да се родени во Македонија. Ептен ја сакале, им давала надеж – оној клучен збор што ми фалеше да ја доловам донекаде поврзаноста помеѓу звукот на гајдата, кавалот, зурлата и публиката. Онаа топла надеж што дава верба, онаа македонска надеж што тлее во нас, закопана, заборавена, па откопана, чиста и сурова како македонската душа, едноставно прекрасна.
„Синтезис“ всушност ја реоткрива таа музика и ја прави достапни до сите. Нивните концерти се неверојатни, а реакциите на публиката френетични. Сум ги гледал повеќепати, дури и во странство, каде што на нивните концерти немало Македонци, и секаде се случувала неверојатна интеракција со публиката. Го доловуваат исконскиот македонски вокален звук, како да си на сретсело пред сто години. Обновување на надежта, која последна умира.

Љупчо Давчев