Светската атлетика ги одреди финалистите за наградите
за најдобрите годинава
Потврдени се финалистите за наградите за атлетичари на годината, соопшти Светската атлетика (СА). Најдобрите двајца водечки спортисти во секоја категорија, трки на патека, технички дисциплини и трки надвор од стадиони, се избрани по првиот круг гласање, што ги опфаќаше гласовите од Светскиот атлетски совет, Светското атлетско семејство и од јавното гласање на социјалните мрежи, пишува СА. Сега, новото дополнување на годинашните награди, во последниот круг гласање за годинава, од љубителите на спортот, почна завчера и ќе трае до недела, за да се одлучи кои се најдобрите светски атлетичари на годината.
Финалисти: трки на патека, жени: Џулиен Алфред (Санта Лусиа, олимписка шампионка на 100 метри) и Сиднеј Меклафлин-Левроне (САД), олимписки првенка на 400 метри со пречки. Трки на патека, мажи: Јакоб Ингебригтсен (Норвешка, олимписки шампион на 5.000 м) и Лециле Тебого (Боцвана, олимписки шампион на 200 м). Технички дисциплини, жени: Јарослава Махучик (Украина, олимписка шампионка во скок во височина) и Нафисату Тиам (Белгија, олимписка шампионка во седмобој). Технички дисциплини, мажи: Мондо Дуплантис (Шведска, олимписки првак во скок со стап) и Милтиадис Тентоглу (Грција, олимписки шампион во скок во далечина). Трки надвор од стадиони, жени: Рут Чепнгетич (Кенија, светска рекордерка во маратон) и Сифан Хасан (Холандија, олимписка шампионка во маратон). Трки надвор од стадиони, мажи: Брајан Пинтадо (Еквадор, олимписки првак на трки од 20 километри) и Тамират Тола (Етиопија, олимписки првак во маратон). Н.М.
АТЛЕТИКА
Њујорк постави светски рекорд за најголем маратон
Градскиот маратон во Њујорк во неделата го собори рекордот за најголем маратон во светот, со 55.646 тркачи што ја поминаа целта во Централ парк, соопштија организаторите, пренесе агенцијата „Ројтерс“.
Тоа го надмина рекордот поставен од берлинскиот маратон во септември, кога 54.280 луѓе го завршија тој маратон од светската серија, во кој се и маратоните во Њујорк, Лондон, Токио, Бостон и во Чикаго.
Во трката низ пет окрузи на Њујорк беа вклучени најмногу жени што ја поминаа целта досега, 24.731, рекоа организаторите. Холанѓанецот Абди Нагеје победи во трката за атлетичари во неделата, а Шејла Чепкируи од Кенија победи кај атлетичарките. Н.М.