По учеството на интернационалните театарски средби „Брчко дистрикт“ во БиХ, Македонскиот народен театар повторно со претставата „Народен непријател“ од Хенрик Ибзен, а во режија на Нина Николиќ, учествува на третиот Балкански театарски фестивал во Благоевград, Бугарија.
Годинава драмскиот театар „Никола Вапцаров“ од Благоевград ги селектира најдобрите претстави од Балканот, меѓу кои е и нашата претстава „Народен непријател“, во која играат: Никола Ристановски, Звездана Ангеловска, Дарја Ризова, Јана Вељановска, Ана Арсовска, Благој Веселинов, Петре Арсовски, Сашка Димитровска, Александар Михајловски, Нино Леви и Григор Јовановски. Претставата се одигра на 5 ноември, а програмата од 1 до 7 ноември оваа есен е насочена кон извонредни театарски достигнувања и вклучува и претстави од Романија, Србија, Бугарија и од Словенија.
Балканскиот театарски фестивал е еден од најголемите настани во културниот календар на Благоевград и има сериозни предуслови да стане водечки меѓународен културен форум на Балканот. Традиционално, фестивалот вклучува и програма со размена на проекти на млади режисери, изложби, концерти и дигитални инсталации.