Да го препишеме Уставот на Америка

  • Јас сум дрзок и велам: „Македонците го изгубија зборот, а Албанците бесата – затоа работите одат надолу“. УШТЕ ЕДНА СТРОГА НАПОМЕНА: етничките ПАРТИИ ТРЕБА ДА СЕ УКИНАТ, ЗАДОЛЖИТЕЛНО, СО ЗАКОН! Тие создаваат сегрегации (поделби), шовинизми, шизоидизми, фобии и слично. За мене – националните партии се фашизам! Националните партии се смрт! Зар не гледате што направија националната медицина, националната култура, националната економија, па најсетне и националниот криминал?
  • Мртовци сме ако не создадеме свои пари (земјоделство, индустрии, банкарство) – а не оние што доаѓаат од ЕУ, мафии, џихадо-псевдорелигиозни формации и слично

Колумнава ја пишувам на 27 октомври 2024 година, на христијанскиот празник Св. Петка (Параскева). Пред сѐ сакам на читателите, пријателите, а и на оние што не ги познавам да им пожелам Бог да ги чува нивното здравје, нивните фамилии и да ги чува од сите неволји, кои некако во голем интензитет го зафаќаат светот. Повод за денешниот коментар е скорешното интервју на бившиот двоен министер и колега д-р Бујар Османи. Моето субјективно мнение е споделено со интелектуалци, но и мислења на обичниот човек. Интервјуто беше мошне интересно и важно. Пред сѐ, моето лично мнение е дека д-р Османи е извонреден хирург, беше доста добар како министер за здравство, а според општото народно мнение контроверзен како министер за надворешни работи. Мој впечаток е дека се работи за човек со висока интелигенција, зборува извонредно македонски – течно и без акцент и на провокативни прашања одговара брзо и многу логично – што не мора да значи дека јас и другите се согласуваме со него. Иако не се познаваме, кога беше министер за здравство неколкупати ми се јави за консултација во врска со дијабетесот и интрахоспиталните инфекции, кои се со висока смртност и со најголема фреквенција во Европа кај нас. Беше единствен што се обиде да се зафати со тој проблем и да иницира законска регулатива, но не стигна да ја спроведе. Моите сугестии ги прифати, а советувам и други министри широко да се советуваат со стручњаци (немој да кажете дека го правите тоа). Како министер за надворешни работи е нешто друго. Општо мнение е дека тераше линии од „личен избор“ и интереси на партијата. Конкретно – се бореше за интереси на Косово, што не е во негова надлежност, а потезите доведоа до разнишување на добрите односи со Р Србија (доста опасна ситуација), потоа разводнување на алијансата „Западен Балкан“ (кој е наш, но и интерес на Америка и Европа) и трето – спектар од контроверзии во односите со Р Бугарија, што е најгорливиот проблем на Македонија.
Но тоа не е интенцијата на овој текст, туку повеќе на интервјуто, на важните теми во тоа интервју. Во разговорот имаше две „амплитуди“ од огромна важност – Уставот, односно уставните промени и балансерот.

Според моето субјективно мислење, тезата на д-р Османи за уставните промени беше интересна и луцидна, иако се одби со „ѓон“ и во интервјуто и во јавноста. Имено, тој предлага пробно (интервентно) прифаќање на барањата од Бугарија и ЕУ – внесување на Бугарите во Уставот, условено со непоставување нови услови – а ако бугарското вето и апсурдни барања се повторат – да се раскине договорот. Да, ако е тоа можно, зошто да не – но тоа да го разгледаат длабоко експерти правници. Може овде да се крие „минско поле“ и да се „разлетаме во воздух“ како при поранешните договори. Има овде една „замка“ (catch 22) што ја наведе истакнатиот професор Ферид Мухиќ, дека барањето е Бугарите да бидат „конститутивен или уставотворен“ народ како Македонците и Албанците, а другите да бидат „останати“. Ако е тоа точно (нека кажат експерти) – тоа е многу опасно. Тогаш Бугарите под влијание на бугарските политичари ќе бараат „свои балансери“, свои министри, премиери, официјален јазик, свои институции итн. – аналогно на „албанското прашање“ во Македонија. Тоа е, на пример, во еден автобус има еден шофер и другите се патници. Кај нас има двајца шофери и патници. Со Бугарите ќе има тројца шофери и патници. ПРЕД СЀ: во 21 век – дали во конституцијата (терминот „конституција“ значи структуралност, база, со каузалност е многу битен) треба да има шофери и патници? Дали во САД има етникум што е шофер, а другите се патници – да бидам поостар, да има еден овчар и другите се овци или, пак, двајца-тројца овчари? Нашиот устав, кој го конструираа познатите професори Фрчковски и Поповски, е по модел на ЈУГОСЛОВЕНСКИОТ УСТАВ, со намера да биде „подобар“ и „поавангарден“ од другите во светот. Тоа се вика „жабата видела коњ и рекла јас ќе бидам подобар коњ од коњот“! Мојот голем пријател професорот Најдан Пашиќ (потекло од Македонија) – главен автор на Уставот на СФРЈ од 1974 година, со внатрешни и надворешни притисоци, уште во осумдесеттите години ми рече: „Овој устав ќе доведе до распад на Југославија“. Секако причините се други, но еден од инструментите (шрафцигерот) е Уставот. Аналогијата е страшна, но реална – деконструкција на Македонија – а ла Али Ахмети, кој го искажа тоа на малку вулгарен, но реален начин.
Господинот Али останува најмоќен политичар во Македонија, едуциран од КОС, западни служби, поддржан од нив и финансиран од легални и црни фондови. Инаку, устави постојат од многу одамна – во масонските ложи, во антиката (Нарам Син, Хамураби, Мојсие, Рим) и од нив еволуирале уставите во Европа, Ватикан и во САД.

Во Монголската Империја и во Отоманската имало две формации – кан или каган, односно султан и народ – па од тоа произлегле сегашните „уставотворен народ“ (султанот) и „други народи“, па елегантно велиме дека тоа е демократија. Вербализмот лесно може да стане двосмислен. Во развиениот свет постојат „граѓански“ устави – конституција на нацијата. Во САД има над 3.000 етникуми со околу 300 јазици, од кои 75 се Индијанци. Сите се една нација и официјален јазик е англискиот. Ако сакаш да бидеш Американец и да добиеш официјален документ, мора да знаеш основен англиски јазик и да полагаш американска историја, а по националност си Американец, со етникум и вера што ја сакаш. А ние измислуваме топла вода или квадратно тркало, со некоја „футуристичка геометрија“ (конституција), демек попаметни сме од преостанатиот свет. Извинете, ама тие што треба да го направат тоа кај нас буквално спијат, во летаргија се или во кома, или можеби се присилени ништо да не прават (од криминални политичари, криминални партии, мафии или странски агенции). Да не се лажеме – огромни пари се вртат низ криминални раце и наркоармо-мафии, а парите се моќ. Ако тоа не го реши оваа гарнитура – мртовци сме. Мртовци сме ако не создадеме свои пари (земјоделство, индустрии, банкарство) – а не оние што доаѓаат од ЕУ, мафии, џихадо-псевдорелигиозни формации и слично.
БАЛАНСЕРОТ беше добра почетна идеја за праведна дистрибуција на работа, едукација, заработувачка и шанси меѓу етникумите. Османи се буни за укинување на балансерот, но и самиот знае дека тој СЕ ПРЕТВОРИ ПРЕД СЀ ВО ШОВИНИСТИЧКА, А ПОТОА ВО КРИМИНАЛНА МАШИНА. Немој да кажувате дека не е така – не сме имбецили, „албанофоби“, „македонофоби“, „бугарофоби“. Можеби некои како мене се фашистофоби, шовинофоби, фундаменталистофоби или мафиофоби. Многу луѓе останаа без работа и други шанси поради балансерот – многу добро го знаете тоа сите. Масовно си отидоа во странство – и ќе продолжат да си одат. Балансер, па балансер! Бла-бла-бла! Сакате сите да ги избркате? Ајде не ми продавајте крастајци од Марс со бугарски грав. Секако, се согласувам дека сега може да се создаде обратна ситуација, без балансерот да си се поддржуваат одредени групи. Мора да се направат контролни механизми, слично на антикорупциската комисија. АНТИКОРУПЦИСКАТА КОМИСИЈА МОРА ДА ДОБИЕ ИЗВРШНА МОЌ – инаку ќе си остане како „трубачко друштво“.
Во интервјуто, а и многу често се споменува „АЛБАНОФОБИЈА“. Се согласувам – кај нас постојат и албанофобија и македонофобија и србофобија и исламофобија, власофобија, егејофобија и секакви фобии, како и во светот. Но ексцесивно потенцирање на „албанофобија“ или некоја друга „фобија“ – станува инструмент за притисок, манипулација и еден нов вид тортура за да се постигне сосема друга цел. Добро го знаете тоа сите! Знаете, знаете! Таквата „псевдофобија“ со претерување создава нова „фобија“. Османи вели дека Албанците имаат БЕСА и со тоа гарантираат хармонија и соживот. Јас сум дрзок и велам: „Македонците го изгубија зборот, а Албанците бесата – затоа работите одат надолу“. УШТЕ ЕДНА СТРОГА НАПОМЕНА: етничките ПАРТИИ ТРЕБА ДА СЕ УКИНАТ, ЗАДОЛЖИТЕЛНО, СО ЗАКОН! Тие создаваат сегрегации (поделби), шовинизми, шизоидизми, фобии и слично. За мене – националните партии се фашизам! Националните партии се смрт! Зар не гледате што направија националната медицина, националната култура, националната економија, па најсетне и националниот криминал? Бљув… Каде во светот има национални партии? Можеби во некои слични „банана-држави“ или „ш-категорија држави“ како што станавме ние. Националните партии ја задушуваат економијата, ја мафизираат, ја дестабилизираат, ја деконструираат, ја фашизираат и ја канибализираат државата. Националните партии се отров, змија, основа за војна, гроб. Јас никако не можам да бидам „албанофоб“ ако така мислите, иако сум радикален џихадофоб и антифашист.

Имам многу другари, некои и меѓу најдобрите, кои се Албанци. А кога бев дете и ученик, па и студент ме викаа „Шиптар“ – па што? Децата па ме викаа Сами Шиптарот, а тоа не е еврејско, туку турско, албанско и муслиманско име. Во комунизмот, дури не знаеја што е тоа Евреин. Дали ви се верува? И во ЈНА бев Шиптар. Супер! Не смееја ништо да ми преречат, бидејќи во Југославија за национално-етничка навреда имаше многу строги казни. Прифатив да ме викаат „Шиптар“. Нека ме викаат и сега ако сакаат. Во Албанија не велат „Албанец“, туку „Скиптар или Скиптари“. Не знам зошто го укинаа тоа кај нас. А знаете ли што значи зборот „скиптариум“? На латински значи крал, император. Тоа е оној стап што го држат фараоните, а Цезар сакајќи да ги имитира и да се глорифицира го донел и во Рим. Сте забележале дека Херман Геринг носи сличен стап сакајќи да каже „јас сум многу моќен“. И Мојсие имал голем стап (ги имитирал фараоните, а и самиот бил побунет фараон) – но тој му служел за комуникација со Господ. Викајте ме „Шиптар“ – многу ми се допаѓа тоа. За жал, мој голем недостаток е што не знам албански. Ви препорачувам, учете Албански, но и други источни јазици – турски, грчки, па дури и руски и украински. Можеби дури и кинески. Ќе дојдат многу Кинези овде. Чудни се патиштата Господови.
Балканот е „носач на авиони“ за светскиот џихадизам. А од каде се финансиите? Зошто големите сили молчат за дрогата овде? А „специјалните пари“? За тоа ќе зборуваме другпат. Немојте да дозволите да се случи Блиски Исток овде. Реално е. Смрди! Многу „црни фондови“ циркулираат низ Балканот, но и низ Европа. Експерти разузнавачи велат дека 18 отсто од кокаинот и хероинот во светот проаѓаат низ Македонија. На светско ниво тоа се трилиони долари. Тие пари се доволни да се купи секоја влада – и во Америка и во Европа и кај нас. Од тие пари се финансираат етничките партии, криминалот и војните. Нашава нова влада мора да се справи со овие криминални формации – со БРЗО КРЕИРАЊЕ ЗАКОНИ, ГОНЕЊЕ НА СЕКОЈ КРИМИНАЛ И ВРАЌАЊЕ НА ЕКОНОМИЈАТА – ДА НЕ СПИЈАТ НА ПОЗИЦИСКИОТ КРЕВЕТ И ДА НЕ МИСЛАТ НА БРЗО БОГАТЕЊЕ. ИНАКУ – ЛОШО НИ СЕ ПИШУВА. ГОСПОД НЕКА БИДЕ СО ВАС НА ОВОЈ ДЕН И СЕКОГАШ.

Проф. д-р Самуел Колономос Садикарио