Огласна табла
В сабота, 2 ноември, вечер пред Денот на ослободувањето на Прилеп, од 17 часот, во „Арт кафе“ ќе се одржи промоција на книгата со раскази за деца „Мачорот Тане“ од авторката Лина Димоска.
Ова е прво објавено дело за деца од Димоска, која досега има неколку книжевни објави за возрасни.
– Идејата за делото „Мачорот Тане“ се роди во една септемвриска квечерина, по предлог на мојот пријател. Патем, мачорот Тане дури и навистина постои. Тоа е мојот домашен мачор, кој во една година живот помина низ еден куп згоди и незгоди. Извојува битка против тешка болест, а со самото тоа ми покажа дека и животните го сакаат животот и себеси, исто како луѓето – вели Димоска.
Книгата ја илустрираше Калиопи Трпчева, а ја објави издавачката куќа „Светулка“ од Скопје.
Во рецензијата кон „Мачорот Тане“, Филип Димкоски пишува дека станува збор за книга со раскази што се одликува со едноставност во раскажувањето и со модерен и современ наративен стил, кој ѝ е допадлив на младата читателска публика.
– Секој расказ завршува со некаков заклучок и поука, кои несомнено ќе се втиснат до детското срце и мозоче доколку се чита со внимание и со разбирање, па и со помош на родителот или наставникот доколку е потребно. Овие раскази дури и повикуваат на разговор по прочитувањето на секој одделно. Убаво би било да се препрочита заклучокот и родителот или наставникот да поразговара со детето околу содржината, заклучокот и поуките што можат да се извлечат, но и да се применуваат во секојдневието – пишува Димкоски во рецензијата кон книгата.
Од издаваштвото појаснуваат дека ова дело има цел да ги поттикне децата да практикуваат позитивни и правилни форми на однесување. Да ги почитуваат различните од нив, да ги сакаат другарчињата, да ги слушаат и да не ги лажат своите родители, од најмали нозе да почнат да се грижат за околината и животните
На промоцијата во Прилеп за книгата ќе зборува Звонко Димоски, а предвидени се промотивни настани и во други градови низ Македонија.