Али Ахмети и бившите команданти од ОНА и УЧК во очекување покана од Специјализираниот суд за Косово во Шевенинген

Симон Визентал, светски познатиот ловец на фашистички воени злосторници цели 54 години, од завршувањето на Втората светска војна до 2003 година, кога објави дека заминува во пензија, својот живот го посвети на пронаоѓање и апсење фашистички воени злосторници што вршеле масовни злосторства и терор во земјите во кои владеел Третиот рајх! Визентал ги барал и наоѓал монструмите што убиле и уништиле милиони луѓе, во Европа, Јужна Америка, Аргентина, и ги изведувал пред лицето на правдата! Во Македонија група јавно основано осомничени за извршени воени злосторства по командна линија, меѓу кои Али Ахмети, Талат Џафери и поголема група што била под нивна команда, немаше потреба да се бараат низ светот до Јужна Америка и Колумбија или Аргентина за да влезе во процедура на една законска постапка да се отфрлат или потврдат како докази елементите содржани во т.н. македонски хашки случаи“. А додека тие седеа во Собранието на Македонија, заедно со другите свои колеги пратеници, своевремено си истолкува дека тие случаи со индикатори за извршени воени злосторства биле „амнестирани со Законот за амнестија“…

Ад акта ставени предмети за докажување воени злосторства во Македонија: Правен и хуманитарен светски нонсенс

Во 2011 година дури и Уставниот суд одби и да расправа и се прогласи за ненадлежен по опомената од Хаг дека националните законодавства и судски системи се надлежни за воени злосторства на нивната територија! А воените злосторства како кривични дела против човештвото не застаруваат никогаш!
Воениот терор и злосторства од воениот конфликт во Македонија во 2001 година, засега, се сведуваат на четири засебни случаи „Мавровските работници“, „Гробницата Непроштено“, „Липковско Езеро“ и „Водството на ОНА“. Поупатените и во правните аспекти на воените злосторства, како едно од најтешките меѓународни кривични дела, не забораваат да издвојат за јавноста и постоење на основи на сомневање дека споменатите дела не се и единствените сторени воени злосторства во 2001 година, особено што неофицијално постојат информации дека жртви исто така биле и Албанци од Македонија што одбиле да ѝ се стават на располагање на УЧК или под принуда учествувале во вооружените формации на ОНА и УЧК во воениот конфликт. Постојат индиции за извршени тортури, измачувања, уцени над нивните семејства… Тие и по 25 години сѐ уште молчат за она што навистина се случувало во таа година на територијата главно на Македонија и Косово до прекинувањето на воените дејства со потпишувањето на Охридскиот рамковен договор. Соговорници што долго време ја следат оваа тема издвојуваат дека никогаш во парламентот не се отвори сериозна дебата по ова прашање, а пратениците беа далеку и од започнување законска постапка за утврдување на вистината и на актерите што војната, како реална наметната состојба што се случуваше, ја користеле да ги задоволат своите најниски страсти за малтретирање, тероризирање и убивање цивилно население и непочитување на меѓународните стандарди на војување, бидејќи и тој општествен феномен има свои пишани закони и правила регулирани со меѓународни конвенции!

Актуелниот процес во Хаг, преку сведочењата на повиканите лица, фрла нова светлина на УЧК (ОНА)

По конфликтот, ОНА односно ДУИ глумеше воен победник. Покрај уживањето во својот дел од власта, умешно, од позиција на власт, прикриваше што навистина се случувало во воениот конфликт: кој какви дела правел, какви последици предизвикал и дали УЧК и ОНА биле воени формации со дефинирана политичка и воена цел или добар дел од нив биле криминална банда, често и со присила и уцена мобилизирајќи луѓе од албанската заедница, кои биле принудени да ги облечат униформите на наводните единици на ОНА и на УЧК! Сега, пред Специјализираниот суд излегуваат сведоци со свои сведоштва дека во конфликтот се практикувале и посебни методи на албанските паравоени формации: со уцена на албанското население од секое домаќинство да се регрутира најмалку по едно лице или да се предадат 30-50 илјади евра, кои никогаш не се дозна каде завршуваа! А кон оние што не прифаќале такво нешто се практикувале тортури или физички ликвидации и биле етикетирани како „предавници, пацифисти или руговисти“…
Не помалку била уценувана и албанската дијаспора во Европа и во Америка, а како залог биле тероризирани нивните семејства во Македонија!
– Во таква ситуација сѐ уште не се знае чиј грев е поголем, на тие што на терен вршеа воени злосторства врз цивилното население, главно грабежи, киднапирања, мачење и трговија со органи, или на воените „команданти“, кои глумеа воени штабови, а всушност најмногу беа локални криминалци – велат наши соговорници, подвлекувајќи дека за нарушениот меѓуетнички соживот и за денешната реална сегрегација, виновниците треба да се изведат пред судот на правдата, за да може да се ресетира вистинското мултиетничко општество и кај нас и во регионот.

Доказен материјал на претек

На Косово и во Македонија, поврзано и со региони кон Албанија, го имаше сето ова, за што постојат и докази. Познавачите и наши соговорници издвојуваат дека „и структурите на ОНА и УЧК имаат и свои архиви“. Во истиот контекст, тука се и странските центри за документирање, тврдат тие. Под ова соговорниците ги подразбираат и „странските воени структури што беа присутни и на Косово и во Македонија и ги имаат сите информации за сѐ што се случуваше и на воен и на политички план“. Поради ова се поставува и прашањето за одговорноста кон вистината и фактите и на странските државјани што под разни објаснувања беа присутни во Македонија, што може да биде и една од причините зошто Али Ахмети и водството на ОНА и УЧК не се изведени пред суд, бидејќи спасувајќи ја својата кожа, може да изнесат различни компромитирачки информации и документи што ќе дадат нова вистина за 2001 година?!

Советот на Европа се изјасни, се чекаат став на Брисел и поттик за „регионална соработка за воените злосторства во регионов“

Во Хаг (Шевенинген) веќе сериозно и сѐ подлабоко се отвора прашањето за одговорност и судска разврска и докажување на сторените тешки воени насилства, тероризирање цивилно население и монструозна трговија со луѓе и човечки органи како светски воен феномен, за кои во Македонија (Косово, Србија, Албанија), според соговорниците, постојат документирани докази (?!).
Според соговорниците, историската шанса за Македонија е отворена. Но тие исто така додаваат дека отворањето на таа историска шанса не е по македонска заслуга, туку по иницијатива и по предлог (и дури и условено барање) на Советот на Европа (сѐ уште актуелен предлог на Дуња Мијатовиќ).
Професори и експерти по право гласно размислуваат дека можеби нашиот парламент треба да изгласа закон за специјализирани совети и специјализирано обвинителство, кој во рамките на македонскиот судски систем, но, со координација на судењата во Хаг и со регионална соработка од областа на правосудството, со посредство на Брисел, ќе постапува за сите досегашни а, доколку се докажат, и нови воени злосторства од 2001 година, па дури потоа ќе се разговара за продолжување на приемот во ЕУ. И.М.


Иследувањето за сторени воени злосторства во земјите од регионов изискува регионална соработка

Регионална соработка меѓу владите на Македонија, Србија и Косово е од суштинско значење за да се има целосен успех на судењата за воени злосторства. Не само парцијално, како што е во моментов Специјализираниот суд за Косово во Хаг.
Фактот дека во моментов нема таква соработка засега може да се оправда со недостигот од билатерални договори, закони за правна помош и екстрадиција. Имено, еден од проблемите се прописите за екстрадиција, законите и уставите на овие земји забрануваат екстрадиција на свои државјани.
Но, ете, за наша среќа, за ад акта – македонските хашки случаи, споменатите пречки не се круцијални, затоа што „во заклучените предметни папки“, според соговорниците, „има доволно материјални докази за докажување на кривичните дела што не застаруваат“. Тоа и го олеснува нивното расчистување. Но иследувањето и интегралниот пристап кон истражувањето такви дела, а веројатно и слични на нив од тоа време, изискува и поширок пристап.
Затоа, што се однесува на регионалната соработка по тој основ, експертите соговорници велат дека соработката треба да биде повеќеслојна, така што ќе го опфати и полето на меѓународното право за помош и заштита на сведоци. Соработката во смисла на меѓународна правна помош треба да има цел да ги имплементира европската конвенција за меѓусебна помош во кривичната материја и европската конвенција за екстрадиција. Во еден паралелен процес, регионалната соработка треба да резултира со потпишување билатерални договори меѓу земјите од регионот за специфични правила за правна помош во случаи на воен криминал. Овие договори треба да вклучуваат инструменти за брза и ефективна соработка по прашањето за екстрадиција на обвинетиот, помош при собирање докази и други адекватни форми на соработка.
Соработката во однос на заштитата на сведоците треба да се заснова на билатерални договори меѓу земјите од регионот, со што ќе се овозможи примена на програмата за заштита на сведоци, вклучувајќи ги и промената на идентитетот и преместувањето на заштитените сведоци како последна мерка за заштита на сведоци. П.Р.