Одбележување на 65 години Академски киноклуб – Скопје
Во Кинотеката на Македонија, вечерва, во 20 часот ќе бидат одбележани 65 години од основањето на Академскиот киноклуб од Скопје, со проекција на првиот и на последниот филм снимени од членовите на клубот. Ќе бидат прикажани „Прв давам камче“ (1959 г.), снимен и реализиран од група автори, основачи на АКК-Скопје, и „Црвени рози“ (2024 г.), чиј автор е Петре Чаповски.
Предвиден е избор од официјалната селекција од 32. „Хрватски фестивал на едноминутни филмови“ одржан во Пожега, Хрватска, 2024 г. Проекцијата ќе опфати 60 едноминутни филмови што годинава беа во официјална конкуренција. Дел од публиката можеби за првпат ќе има можност да види како може цела приказна да се смести само во една минута бидејќи сите филмови буквално траат 60 секунди, ни секунда подолго или пократко.
Настанот има цел да ги промовира хрватскиот филм и култура во Македонија. На отворањето ќе се обрати амбасадорката на Република Хрватска во Македонија, Нивес Тигањ.
– Во далечната 1959 година, 12 млади луѓе, студенти на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, одлучуваат да го основаат Академскиот киноклуб. Овие филмски сонувачи, шетајќи по кејот на Вардар, капејќи се во него и во реката Треска (и на базенот во Сарај) ги снимија своите први филмови, искажувајќи ја својата страст кон животот и филмската уметност. Во Скопје, тогаш, воздухот мирисаше на липи… Оттогаш низ клубот поминаа многу вљубеници во филмот, оставајќи зад себе мали ремек-дела. Сите тие, филмски ентузијасти, делеа една заедничка љубов кон седмата уметност. Со својата енергична филмска активност, покрај создавањето филмови, членовите на клубот создадоа и филмски фестивал, со завидно учество на автори од целиот свет. Фестивалот се викаше ОСФАФ и истиот тој дочека дури 22 изданија.
Денес клубот нема повеќе свои простории, воздухот во Скопје мириса на сѐ, само не на липи, низ Вардар и Треска тече вода, само не бистра како некогаш, во базенот во Сарај нема капење, а и ОСФАФ повеќе го нема… Меѓутоа, нешто уште постои, а тоа се Академскиот киноклуб и неговите активни членови, кои сè уште прават свои филмови во какви-такви услови и ги делат истиот филмски ентузијазам и љубов кон седмата уметност како некогаш – вака изгледа историјата на Академскиот киноклуб од Скопје.
Првиот филм на членовите на клубот снимен во 1959 г. носи наслов „Прв давам камче“.
Соработката помеѓу филмскиот клуб „ГФР филм-видео“ од Пожега, Хрватска, и Академскиот киноклуб од Скопје е повеќедецениска. Долгогодишното пријателство помеѓу двата клуба започнува уште во деведесеттите години, кога членовите на АКК-Скопје започнуваат со учество на Хрватската ревија на едноминутни филмови – филмски фестивал единствен по својот карактер, со веќе потврдено светско реноме, кој членовите на „ГФР филм-видео“ го организираат секоја година во градот Пожега во Хрватска. Подоцна, членовите на филмскиот клуб од Пожега учествуваа и на интернационалниот филмски фестивал ОСФАФ во Скопје, кој, за жал, повеќе не се одржува. Меѓусебно, членовите на двата клуба отсекогаш работеле во размената на информации, филмови и комисии, со заемно учество на филмски фестивали низ светот. Пријателство помеѓу двата клуба е придружено со низа гостувања на филмски настани и фестивали, како во Пожега така и во Скопје.
Во чест на јубилејното 65-годишно постоење на Академскиот киноклуб и долгогодишното пријателство помеѓу двата клуба, членовите на клубот „ГФР филм-видео“ од Пожега ќе презентираат филмска селекција направена од нивниот „Хрватски фестивал за едноминутни филмови“, кој од 1993 година се одржува во градот Пожега во Хрватска. В.Д.