Седумте тима од англиската Премиер-лига во досегашните натпревари во трите европски купа немаат ниту еден пораз на 20 меча и во секое натпреварување водат или се меѓу водечките. Ефектот на секој клуб е важен за ранг-листата на УЕФА, според која, на крајот на сезоната двете земји со најдобар просек од вкупните резултати во сите три купа ќе добијат дополнително место во ЛШ за идната сезона
ФУДБАЛ
Седумте клуба од англиската Премиер-лига во досегашните натпревари во трите европски фудбалски купа немаат ниту еден пораз на 20 натпревари, имаат одлична ефикасност и во секој од трите купа водат или се меѓу првите две екипи. Астон вила, Ливерпул и Манчестер сити се на првите три места во Лигата на шампионите (ЛШ), Тотенхем е второпласиран во Лига Европа (ЛЕ), а Челси е лидер во Конференциската лига (КЛ).
Во лигата на шампионите Астон вила, Ливерпул, Манчестер сити и Арсенал на 12 натпревари забележаа 10 победи и две ремија, во Лига Европа Тотенхем и Манчестер јунајтед во шесте меча имаат по три победи и нерешени средби, а во Конференциската лига Челси забележа две победи во досегашните две кола. Вкупно на 20 европски средби сезонава англиските клубови имаат 15 победи и пет ремија, со вкупна гол-разлика од 43-10 (секој тим постигна во просек по 2,15 гола по натпревар). Во другите четири најсилни првенства во Европа (Шпанија, Франција, Германија и Италија), на пример, имаат помеѓу девет и 12 победи, од пет до осум порази… (највисокиот просек постигнати голови е 2,04).
Ефектот на секој клуб е важен за ранг-листата на Европската фудбалска унија (УЕФА), според која, на крајот на сезоната двете земји со најдобар просек од вкупните резултати во сите три купа ќе добијат дополнително место во ЛШ за идната сезона. За сезонава, според ланските резултати, тоа право го добија Италија и Германија, кои имаат по пет тима во најсилното клупско фудбалско натпреварување во Европа. . . Н.М.