Фото: „Нова Македонија“

Сезоната 2024/2025 е четвртата во низа во која во НБА ќе има најмалку 120 интернационални играчи и 11-та по ред со барем 100 странски кошаркари

КОШАРКА

Националната кошаркарска асоцијација (НБА) објави дека рекордни 125 интернационални играчи од рекордни 43 земји од шест континента се на списокот на тимовите за отворањето на сезоната 2024/2025, вклучувајќи рекорден број играчи од Австралија (13), Германија (осум) и од Камерун (пет) и изедначен рекордни со 14 играчи од Франција и 17 од Африка, пишува НБА-лигата. Списокот на воведната вечер вклучува најмалку 120 интернационални кошаркари четврта сезона во низа и најмалку 100 интернационалци 11-та сезона во низа. Сите 30 НБА-тима имаат барем по еден интернационалец во своите редови, пишува, меѓу другото, НБА.
Рекордите за меѓународни играчи и застапени земји и територии беа поставени во почетокот на сезоните 2023/2024 и 2017/2018. Веќе 11-та сезона во низа Канада е најзастапена земја надвор од САД со 21 играч, а потоа следуваат Франција, Австралија, Германија и Србија (шест).
Има вкупно 61 европски играч на списокот на воведната вечер, вклучувајќи и четворица членови на олстар-тимот на НБА за сезоната 2023/2024, и тоа НБА-шампионот од 2021 година и двократен најкорисен играч (МВП) Јанис Адентокунбо (Милвоки, Грција), петкратниот член на олстар-тимот на НБА Лука Дончиќ (Далас, Словенија), шампионот во 2023 година и трикратен МВП на НБА Никола Јокиќ (Денвер, Србија) и трикратниот олстар-играч на НБА Домантас Сабонис (Сакраменто, Литванија). Меѓу 17-те играчи од Африка има и рекордни пет од Камерун, а се предводени од МВП за сезоната 2022/2023 и седумкратен НБА олстар-играч Џоел Ембиид (Филаделфија), пишува НБА.
Оклахома и Портланд имаат по седум интернационалци, а потоа следуваат Атланта, Далас, Хјустон, Орландо и Торонто со по шест итн. Г.И.