Она за што особено треба да биде загрижен Брисел по референдумот во Молдавија е сопствената непринципиелна политика во делот на проширувањето, кога од една страна од земјите кандидати се бараа жртвувања, а од друга страна Унијата не ги исполнуваше дадените ветувања. Тоа е најголемата причина зошто европската идеја сега е на стаклени нозе во Молдавија, а ако продолжи ваквиот однос на бриселските бирократи и во иднина, тогаш евроскептицизмот ќе расте и во земјите каде што поддршката за ЕУ пред околу три децении изнесувала дури и 90 отсто
Тесниот референдумски резултат во Молдавија и европските анемични политики како повод
Низ иглени уши се протна неодамнешниот референдум на кој Молдавците гласаа за внесување на европската перспектива во Уставот на земјата, со што се отвора вратата за идно членство во Европската Унија.
По речиси сите преброени гласови, „за“ гласале 50,39 отсто од граѓаните, додека против идејата земјата да се приклучи во ЕУ биле 49,61 отсто, според резултатите објавени од централната изборна комисија.
Неуспехот прикажан како успех и обратно…
Набргу по завршувањето на референдумот со честитки се јави шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
– Повторно го направивте тоа! Соочувајќи се со хибридната тактика на Русија, Молдавија покажува дека е независна, силна и сака европска иднина – напиша Фон дер Лајен на мрежата Икс.
Се јави и претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, која рече дека Европа е Молдавија и дека Молдавија е Европа.
– Нашата иднина ќе биде испишана заедно – изјави Мецола за Икс и додаде дека лидерството и храброста на Санду „го сменија текот на историјата“.
Реакција стигна и од Белата куќа, во која се вели дека Русија не успеала да ги поткопа изборите и референдумското изјаснување во Молдавија, иако, како што тврдат од официјален Вашингтон, упорно работела на таквото сценарио.
– Демократијата е силна во Молдавија, како и волјата на молдавскиот народ да продолжи со европската интеграција – изјави Џон Кирби, портпарол на Советот за национална безбедност, по тесната победа на референдумот за членство во ЕУ.
Од друга страна, официјална Москва негираше какво било руско мешање во молдавските избори и изрази отворен сомнеж околу резултатите на референдумот.
– Таа треба да презентира докази – изјави Песков, одговарајќи на прашањето за реакцијата на Кремљ на обвинувањата на Маја Санду во врска со наводното мешање на Русија во изборите в недела и нејзината изјава дека „криминални групи во таа земја работат со странски сили“.
Непринципиелните европски политики кумуваа на референдумскиот резултат
Несомнено тесниот референдумски резултат, без оглед на ставовите на приврзаниците и противниците на ЕУ-идејата, испрати јасна порака до официјален Брисел дека европските пари не се доволна причина едноставно да се стави во заложништво сопствениот суверенитет.
И покрај најавената економска помош од страна на ЕУ во висина од 1,8 милијарди евра, сепак, резултатите од референдумот говорат дека Молдавците се длабоко поделени околу идејата за влез во Европската Унија.
Она за што особено треба да биде загрижен Брисел по референдумот во Молдавија е сопствената непринципиелна политика во делот на проширувањето, кога од една страна од земјите кандидати се бараа жртвувања, а од друга страна Унијата не ги исполнуваше дадените ветувања. Тоа е најголемата причина зошто европската идеја сега е на стаклени нозе во Молдавија, а ако продолжи ваквиот однос на бриселските бирократи и во иднина, тогаш евроскептицизмот ќе расте и во земјите каде што поддршката за ЕУ пред околу три децении изнесувала дури и 90 отсто.
Несомнено таквите примери на лицемерство, особено со неисполнетите ветувања, што најдобро врз своја кожа ги почувствува Македонија, не се забораваат и продолжуваат да бидат еден на тасовите на вагата кога една нација одлучува кој пат да го фати.
Тесниот резултат на референдумот во Молдавија говори и за тоа дека граѓаните се свесни дека ниту во Унијата работите не се розови, дека Европа е исправена пред внатрешни реформи, кои ако не се направат што поскоро, ќе ја претворат ЕУ во нефункционална заедница во која секоја земја ќе влече на своја страна. Во една таква ситуација, земјите кандидати ќе бидат само колатерална штета што непотребно си го загрозиле сопствениот суверенитет заради интересите на некој друг.
Повеќе од јасно е дека Европската Унија се води исклучиво од сопствените интереси и наметнатата геополитика, која мора да ја спроведува, без оглед што Европејците генерално не сакаат проширување ниту со земјите од Западен Балкан, уште помалку со Украина, Молдавија или со Грузија.
Тука треба да се бараат причините зошто една мала и сиромашна земја е поделена околу членството во ЕУ. Таа поделба по првите европски разочарувања што ќе ѝ бидат испорачани на нејзиниот европски пат се заканува длабоко да го наруши и онака поделеното молдавско општество. Имено, јазот што постои меѓу Придњестровје, во кое доминираат говорителите на рускиот јазик и кое де факто функционира како посебна автономна област, и другиот дел од земјата, во кој доминираат оние што се за присоединување кон Романија, станува сѐ подлабок, а конфликтите од пред три децении не се забораваат.
Молдавија како нов Кипар
Познавачите на регионалните состојби се децидни дека европската перспектива на Молдавија не е толку извесна имајќи го предвид односот на внатрешните сили, оние што се наклонети кон ЕУ и оние што се против.
– Постои длабок конфликт во самото молдавско општество. Резултатот од референдумот реално е пораз на ЕУ. Ако европската идеја треба да виси на конец до последен момент и да се спасува со стотина гласа што во последен момент стигаат од дијаспората, тоа говори за перцепцијата што Молдавците ја имаат кон ЕУ. Од друга страна, русофоното население во оваа земја, особено во Придњестровје, секогаш ќе биде наклонето кон Русија и дури и да се исклучи какво било влијание или мешање на Кремљ во Молдавија, кое секако го има, тие секогаш ќе бидат за Русија, а не за ЕУ. Со други зборови, Молдавија е метафора на еден нов Кипар: Од една страна е ЕУ, која ја турка европската идеја, а од друга страна Русија. Во Придњестровје веќе имаше референдум за отцепување и припојување кон Русија, така што кога има тесно референдумско мнозинство, неизвесна е европската перспектива на оваа земја. Единствена точка на поврзување во молдавското општество беше спроведувањето неутрална надворешна политика, задржување на суверенитетот и држење до курсот што подразбира следење исклучиво на интересите на молдавските граѓани. На тој начин се бајпасираа влијанијата и на Русија, но и на Романија како земја членка на ЕУ. Сега, ако Уставниот суд ги потврди резултатите од референдумот, политичкиот јаз дополнително ќе се зголемува и тоа може да резултира и со нова внатрешна дестабилизација. Не е исклучено Прињестровјето да ги активира референдумските резултати од почетокот на 90-тите години од минатиот век и да донесе свој устав во кој нема да стои членството во ЕУ како крајна стратегиска цел. Тоа понатаму ќе води кон опасен развој на настаните внатре во земјата што се заканува да го дестабилизира целиот тој регион – велат аналитичарите.
Според нив, многу работи ќе зависат и од претстојните избори во Грузија закажани за 26 октомври, кои се доживуваат како своевиден референдум за тоа кој курс ќе го задржи оваа поранешна советска република.
– И изборите во Грузија ќе бидат еден вид референдум во која насока ќе се движи тој регион. Украина, Молдавија и Грузија се дел од пакетот земји врз кои ЕУ сака да го наметне своето влијание, но од друга страна, Русија ги смета за своја интересна сфера. Се покажа дека сѐ додека овие земји држеа колку-толку неутрална политика и инсистираа на сопствениот суверенитет функционираа стабилно, но сега, со толку измешани влијанија, но и со висок процент на внатрешна поделеност, нивната стабилност е доведена во прашање. Да беше ЕУ посветена на вистинските европски вредности, тогаш референдумот ќе поминеше со многу поголемо мнозинство. Но и Молдавците, како и Грузијците, впрочем и како сите ние на Балканот, видовме дека ЕУ работи исклучиво за задоволување на тесните интереси на земјите членки и затоа потешко граѓаните се одлучуваат едноставно да се откажат од државната сувереност во име на неизвесна европска перспектива – заклучуваат аналитичарите.