ИМ Никола Николовски ремизира во третото коло

Вториот македонски претставник на Европскиот клупски куп (ЕКК) во шах во Врњачка Бања (Србија), екипата на Гамбит АСЕЕ, која е рангирана 26-та пред почетокот на турнирот (просечен рејтинг 2.377 поени), го доживеа и вториот пораз, во третото коло од послаборангираниот (47.) германски претставник Еркеншвик (2.222), со 1,5-4,5. Половина поен со црни фигури освоија ВМ Евгени Романов (2.580) против ИМ Роберт Рис (2.438) и ИМ Никола Николовски (2.388) против (ФМ) Каи Сприестербах (2.063), а со бели ФМ Андреј Велјаноски (2.308) против ИМ Александер ван Бек (2.304). Партиите ги загубија ВМ Петар Арнаудов (2.407) од ИМ Томас Вилемзе (2.322), ФМ Антон Златков (2.323) од ВМ Хармен Јонкман (2.314) и ЖФМ Ивана Манова (2.060) на шестата табла од Макс Лутзе (2.148).
Во следното коло, вчера, противник на скопскиот клуб беше англиската екипа Вајт роуз (2.133, рангирана 60-та). По третото коло од предвидените седум, водат осум екипи со по максимални шест бода, а први три се романски Суперчес (2.730), турски Туркиш ерлајнс (2.682) и словенечки Тајфун (2.648). Гамбит АСЕЕ е на 49-то место со два бода (осум поени по табли). Г.И.


Монте Карло пресилен за МШК Центар

Единствениот македонски претставник на Европскиот клупски куп (ЕКК) во шах во Врњачка Бања, Србија, во женска конкуренција, скопскиот клуб МШК Центар (2.353, рангиран шести пред почетокот), по стартната победа, во третото коло вторпат загуби, овој пат минимално, со 1,5-2,5 од првиот фаворит на турнирот, Монте Карло (2.489). На првата табла, последна заврши со реми партијата помеѓу ИМ Ставроула Цолакидоу (2.439) и ВМ од Русија, Александра Горјачкина (2.533), која е рангирана прва на овој ЕКК. На втората и на третата табла беше видено реми помеѓу ИМ Маи Нарва (2.415) и ВМ од Индија Ваишали Рамешбабу (2.487), односно ЖВМ Белослава Крастева (2.274) и ИМ од Индија, Сарасадат Кадемалшариех (2.487). Единствениот пораз со бели фигури на четвртата табла го доживеа ЖИМ Викторија Погорелскиј (2.176) од искусната Германка, ВМ Елизабет Паетц (2.458).
На ЕКК настапуваат вкупно 18 екипи, а во четвртото коло, вчера, МШК Центар играше против германската екипа Солинген (2.078, рангирана 16-та). По третото коло со по шест бода водат словенечки Тајфун (рангиран трет) и романски Гаруда Ајка (рангирана втора), а МШК Центар е на 10-то место со два бода (5,5 по табли). Г.И.