Сега и самите европски челници гледаат што се случува кога со политичка одлука примаат во членство земја што ниту по 17 години членување во европското елитно друштво не е на нивото на подготвеност со актуелните земји кандидати, но сопствениот пропуст се обидуваат да го исправат така што ќе ја притискаат Бугарија да се подобри, ќе ѝ прогледуваат низ прсти, ќе ја толерираат, иако се свесни дека земјата нема европски капацитет, по ниеден основ на темелните вредности и критериуми на ЕУ
Брисел незадоволен: Бугарија ги гази сите темелни вредности и принципи на ЕУ
Нерационалната бугарска блокада на пристапните преговори на Македонија сè повеќе наидува на неодобрување кај земјите членки на Европската Унија, а тоа особено можеше да се почувствува за време на неодамнешната втора меѓувладина конференција што Унијата ја одржа со Албанија, кога на површина исплива разнишаниот европски кредибилитет токму поради билатерализацијата на пристапниот процес.
Европската Унија не е задоволна од однесувањето на Бугарија, која не само што не ги спроведува потребните реформски зафати дома туку продолжува да ја опструира европската надворешна политика и да се претставува како промотор на европските вредности, а во практика не почитува ништо од тоа.
За тоа говори и отвореното незадоволство искажано неодамна од страна на Европската комисија бидејќи официјална Софија повеќе од две години го одолжува усвојувањето на реформите за продолжување на плаќањата според планот за закрепнување и одржливост.
– Бугарија не може повеќе да го одложува носењето политичка одлука за измените на нејзиниот план за закрепнување и одржливост – ѝ порачал еврокомесарот за економија Паоло Џентилони на бугарската министерка за финансии Људмила Петкова.
Бугарија ја доби само првата рата од 1,3 милијарда евра во 2022 година, по што не ја исполни својата обврска да добие втора рата од 635 милиони евра од 4,7-те милијарди евра што ги очекува од Брисел.
Бугарија го поднесе своето барање за втора исплата според планот за закрепнување на почетокот на октомври минатата година, но Европската комисија ја замрзна исплатата со образложение дека реформите не биле усвоени или не биле соодветно усвоени.
Бугарија се најде на тапет и во последниот извештај на Комитетот на министри на Советот на Европа, во кој се констатира дека оваа земја сѐ уште не ги спроведува пресудите на Европскиот суд за човекови права, со што демонстрира отворено непочитување на највисоките европски институции.
Пред некоја година Европскиот парламент донесе резолуција со која се осудува Бугарија за непочитување на владеењето на правото. Подоцна ЕК писмено ја искажа својата „неможност да се бара одговорност од главниот обвинител“ (!?), како и за „политичкото влијание врз судскиот систем“! Прецизно кажано, станува збор за непочитување на владеењето на правото и немање моќ, инструментариум и алатки да го исправи тоа!
Бугарија ги поткопува европските вредности
Во една таква констелација на постојани неевропски постапки се случува и бугарското вето за почеток на пристапните преговори на Македонија со Европската Унија, со што официјална Софија директно ги поткопува темелите врз кои се изградени европските вредности, а кои подразбираат толеранција, демократски принципи, почитување на малцинските права и на културните и јазични различности, почитување на идентитетот, сите оние работи што членките на Унијата треба да ги претставуваат.
Ова што го прави Бугарија сега е токму најфлагрантен пример за прекршување на европските вредности, почнувајќи од прекршувањето на меѓународното право за самоидентификација, непризнавањето на постоење на малцинства на своја територија, отворени територијални претензии кон својот сосед, како и целосно негирање на нечија историја, култура и јазик, со апсурдно барање кон Македонија, ако сака да се зачлени во европското друштво, да го признае своето бугарско потекло.
Лицемерно е што токму истата таа Бугарија, како членка на ЕУ, речиси со ништо не покажа дека го заслужува епитетот европска, почнувајќи од почитувањето на човековите права, правата на малцинствата, владеењето на правото, борбата со корупцијата, функционалната економија… Истата таа „европска“ Бугарија не ги почитува ниту пресудите на Европскиот суд за човекови права, со што директно ги негира европските институции.
Дополнително, Бугарија одбивајќи воопшто и да разговара со претседавачот со Европската Унија, Унгарија, околу надминување на спорот со Македонија, јасно демонстрира противење на европските стратегиски интереси и политики што предвидуваат забрзана динамика во процесот на проширување на Унијата со земјите од Западен Балкан. На тој начин официјална Софија директно работи во полза на некои трети страни што го користат вакуум-просторот во проширувањето за наметнување на сопствените интереси, спротивни на европските.
Ставовите зошто е одбиено посредништво од страна на земја претседавач со ЕУ, изнесени во соопштението на бугарското МНР, се целосно спротивни на принципите на Унијата, кои се темелат врз наоѓање заеднички прифатливи балансирани решенија што ќе понудат решение на проблемите, а не генерирање дополнителни проблеми. Експресното одбивање на понуденото посредништво од страна на претседавачот со ЕУ јасно говори за вистинските намери на бугарската страна.
Тоа е само дополнителна потврда дека официјална Софија го злоупотребува членството во ЕУ само заради скриени цели што не соодветствуваат со европските принципи и воопшто со светогледот на 21 век, но, од друга страна, тоа ги фрустрира и европските политичари, кои сметаат дека бугарските власти не смеат да ја држат во заложништво европската надворешна политика поради лични хегемонистички апетити од 19 век.
Бугарија – мек стомак на ЕУ за надворешни влијанија
Бугарија е исправена пред нови предвремени парламентарни избори, седми по ред во само три години. Земјата не може да формира стабилна политичка влада и ја предводи техничка влада, која ниту има мандат, ниту пак може да ги спроведе бараните европски реформи.
Бугарите на 27 октомври седми пат ќе излезат на гласање за само три години. Последните шест пати резултираа со „обесен парламент“, дозволувајќи му на претседателот Румен Радев да има значително количество моќ, со назначување преодни влади секогаш кога партиите не успеваат да се помират во редовната влада.
Несомнено, таквата нестабилност му нанесе сериозен удар на меѓународниот кредибилитет на Бугарија, кој и без тоа е нарушен, со оглед на слабите реформски капацитети. Внатрешнополитичките борби ризикуваат да ги ослабат институциите и да ја забават интеграцијата на земјата во ЕУ. Во исто време тоа ја прави владата поранлива на руското влијание, а тоа може да се забележи и преку проруските ставови на претседателот Радев, со кои веќе е поткопано усогласувањето на Софија со проукраинската агенда на нејзините западни сојузници. Покрај тоа, проруската партија Преродба станува втора политичка сила во Бугарија и постои можност таа да стане клучен играч во следната бугарска влада.
Сето ова ЕУ го констатира и е свесна дека ако и натаму дозволи Бугарија да биде главниот кочничар на европските политики, тогаш малку е веројатно дека бурната политичка сцена во Бугарија ќе се промени наскоро. Сѐ додека Унијата не преземе мерки да ја дисциплинира Бугарија, меѓународната репутација на оваа земја ќе виси на конец: политичката нестабилност може да ги ослаби институциите на земјата и вербата на јавноста во нив и да ја забави реформата на владеењето на правото потребна за интеграција во ЕУ. Официјален Брисел одолжуваше со приемот на Бугарија во шенген-зоната и, во знак на добра волја и како мала мотивација, дозволи единствено Бугарите да го почувствуваат шенгенот само преку воздух и по морски пат, додека копнените шенгенски граници и ембаргото за влез во еврозоната засега остануваат.
ЕУ го губи трпението со Бугарија
Сите овие примери несомнено говорат дека ЕУ го губи трпението со Бугарија бидејќи најсиромашната земја членка е таа што го урива насекаде европскиот кредибилитет.
Задоволувањето на бугарските каприци кон Македонија од страна на официјален Брисел се покажа како целосно погрешен чекор, бидејќи прифаќајќи во преговарачката рамка за земјава да се вметнат идентитетски и јазични прашања, всушност Унијата дозволи дополнително да биде поткопан нејзиниот кредибилитет.
Сега и самите европски челници гледаат што се случува кога со политичка одлука примаат во членство земја што ниту сега не е на нивото на подготвеност со актуелните земји кандидати, но сопствениот пропуст се обидуваат да го исправат така што ќе ја притискаат Бугарија да се подобри, иако се свесни дека земјата нема таков капацитет.
Дополнително, европските челници се фрустрирани што токму таквата Бугарија врши опструкции на надворешната европска политика и целосно го урнисува европскиот кредибилитет, а тоа може да се забележи со падот на поддршката што ЕУ ја имаше во општествата во земјите од регионот, која од некогашни високи 90 отсто се сведе на близу 50 отсто, а некаде и под таа граница.
Сега официјален Брисел ќе го враќа нарушениот кредибилитет така што финансиски ќе ги потпомага земјите кандидати преку таканаречениот План за раст, додека Бугарија како земја членка и натаму останува без европски средства бидејќи не може да ги направи потребните реформи.
Претстојните избори во Бугарија ќе дадат појасна слика дали земјата конечно ќе добие стабилна политичка влада и така ќе се сврти кон решавањето на проблемите или, пак, уште подлабоко ќе потоне во внатрешна политичка криза, која ќе ја користи за дополнително поткопување на европските институции. Жално е што во сопствената политичка кал ја повлекува и европската интеграција на соседна Македонија, која со ништо не го заслужила тоа. С.Т.