Слем-поетот Матеј Петров е победник на годинашното издание на „Слем поетри Македонија“ – 2024, кое од 10 до 13 октомври по 14. пат се одржуваше во Прилеп. Петров настапи пред публиката со песните „Слика“ и „Преку леб, погача“. За гласовите беше задолжена петчлена комисија, а со минимална разлика зад победникот второто место го освои Виктор Спасески од Прилеп. Третото место, според бројот на гласови, го поделија четири слем-учеснички. Петров следната година ќе биде иден претставник на Македонија на Европското слем-првенство.
На годинашниот слем се претставија дваесетина учесници од различни градови од земјава, кои настапија со свои поетски и прозни дела. Неколкудневниот фестивал се отвори со изложба на мултимедијалниот уметник Владимир Лукаш.
Следните два дена, покрај поетските читања, се одржаа и промоции на четири книги поезија: „Јазик за двајца“ („Прозарт медиа“) од Пијан Славеј (Бранислав Николов), „Модра мрежа“ („ПНВ публикации“) од Марина Шокева, „Сега ти стануваш јас“ од Долорес Атанасова-Лори („Чудна шума“) и „Додека спиеш“ („Чудна шума“) на Биљана Стојановска. Стихови читаа Ана Голејшка Џикова, Ѓоко Здравески, Игор Трпчески и многу други, а специјална гостинка беше Шенон Саливан, која доаѓа од Берлин и која пред публиката имаше фантастичен поетско-музички настап. Саливан е членка на европската поетска платформа „Версополис“, а нејзината поезија е преведена на германски, француски, шпански, ерменски, словачки, холандски и на италијански. Има настапувано на повеќе европски поетски фестивали.
Последниот фестивалски ден учесниците имаа можност да присуствуваат на литургија во црквата „Света Петка“ во населба Точила, а се одржа и поетско читање на манастирот Трескавец. Традиционално за манифестацијата се испечати и зборник во кој се застапени сите пријавени автори, а годинава негов издавач е Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје. „Поетри слем Македонија“ досега има испратено девет национални претставнички и претставници на Европското слем-првенство, како и двајца претставници на Светското слем-првенство.
Годинава на Европскиот поетски слем, кој ќе се одржи во Кошице, Словачка, ќе нѐ претставува минатогодишниот победник – Миланчо Пендев од Кавадарци.