Фото: „Нова Македонија“

Лидерите можат да вложат само ограничен политички капитал во европски иницијативи додека се оптоварени од домашните проблеми

За оптовареноста на земјите членки на ЕУ со домашни прашања во однос на спроведувањето на заедничките политики

Во Брисел стана солена шега дека најстабилна земја во Европската Унија е Италија, некогаш озлогласена по нејзината низа на краткотрајни влади. Французинот Емануел Макрон и Германецот Олаф Шолц беа понижени со изборните порази. Премиерот на Шпанија, Педро Санчез, претседава со малцинска влада во земја оптоварена со поделби по контроверзниот нацрт-закон за амнестија. Во Полска, Доналд Туск ужива многу посилна позиција, но се бори со неумешна коалиција и претседателот што е во сојузништво со опозицијата.
За упатените во ЕУ, збирката на слаби влади или само оние што се оптоварени од домашните неволји не е предмет на шега.
Соочени со војна во Украина, можниот реизбор на Доналд Трамп и интензивната економска конкуренција, критичарите тврдат дека актуелните европски лидери не ѝ се дораснати на задачата.
– Сега ни треба многу доминантна Европа, која ја немаме во моментот. Не го гледам раководството. Не би можел да спомнам еден шеф на држава за кого би рекол дека на веродостоен начин би можел да командува со тоа раководство -рече Бас Ајкхоут, кој ја предводи групата на зелените во Европскиот парламент, која не е претставена на масата на Европскиот совет.
Со оглед на тоа што лидерите на Франција и на Германија се оптоварени од домашните неволји, центарот на вниманието се сврте кон Урсула фон дер Лајен, која ја затегнува својата контрола на власта во Европската комисија.
Таа се очекува да го започне вториот мандат како претседателка на Европската комисија на 1 декември, речиси шест месеци по европските избори.
Поставена на функцијата со компромис во последен момент во 2019 година, Фон дер Лајен сега е искусна бриселска операторка.
– Во вториот мандат, Фон дер Лајен знае што прави. Таа знае каква моќ има, како да направи машинеријата да работи за неа и како да им „продава работи“ на главните градови… Прашањето е дали таа, исто така, всушност може да ги испорача политиките и, што е најважно, да ги спроведе? И токму тука проблемот со слабите влади навистина работи против неа – рече Хедер Граби од аналитичкиот центар „Бригел“.
Изнесувајќи ја својата агенда пред Европскиот парламент минатиот јули, Фон дер Лајен вети „чист индустриски договор“ чија цел е зајакнување на таканаречените зелени работни места и индустрии во првите сто дена, повисоки и подобро координирани европски трошоци за одбрана и обновени напори да ги донесе Украина и земјите од Западен Балкан во ЕУ.

Без акција за економијата, ЕУ ризикува „бавен и мачен пад“, според Марио Драги, поранешниот италијански премиер, кој објави извештај на 400 страници во кој го опишува „егзистенцијалниот предизвик“ поставен од економската слабост на Европа во однос на големи конкуренти, како што се САД и Кина. Лекот би можел да чини до 800 милијарди евра (670 милијарди фунти) годишно, ниво на инвестиции еквивалентно на пет отсто од економското производство на ЕУ, како што заклучува Драги. Тоа е конзервативна процена, се истакнува во извештајот, бидејќи не се вбројува трошењето за подобрување на вештините или приспособување на климатските ефекти.
Досега Фон дер Лајен не поддржуваше заедничко задолжување за да се плати за таа агенда. Одлуката останува на 27-те национални лидери. Но Германија, најголемата економија во ЕУ, изрази незадоволство во однос на заедничкиот долг, по моделот на револуционерниот план за закрепнување во пандемијата на ковид.
Лук ван Миделар, поранешен висок функционер на ЕУ и соосновач на Бриселскиот институт за геополитика, рече дека е загрижен поради ризикот од исклучување помеѓу агендата на Драги и она на што може да се согласат националните влади.
– Европските национални лидери… можат да трошат само ограничен политички капитал на европските иницијативи. Ѕвездите треба да се усогласат за работите да се решат и моментално тие воопшто не се усогласени – вели Ван Миделар.
Има „чувство на итност во Брисел за состојбата во светот и за тоа како Европа губи, а ние треба да направиме нешто“ во комбинација со „слабите национални влади“ соочени со агенда што е важна наместо итна, рече Ван Миделар.
– И кога не е итно, многу е тешко да се мобилизира политичката волја на 27 или барем на соодветно мнозинство на националните влади да дејствуваат – заклучува тој.
Дополнително на фрагментацијата, десничарските партии постигнаа напредок низ целиот континент и се во влада или коалиции или поддржуваат влади во седум земји членки на ЕУ: Хрватска, Финска, Унгарија, Италија, Холандија, Словачка и Шведска. Десница сега ја има и најголемата партија во Австрија, иако веројатно нема да формира влада. Десничарските партии во Европа остануваат поделени, освен кога станува збор за спротивставување на понатамошната европска интеграција.
Во следниот петгодишен мандат ЕУ може да се соочи и со потешки избори, што би можело дополнително да ги затегне несигурните коалиции и влади со десничарско присуство.

– Првиот мандат на Фон дер Лајен беше за двојната зелена и дигиталната транзиција, два приоритета со силни синергии. Сега во вториот мандат ќе доминираат компромиси – вели Георг Рикелис, поранешен функционер на комисијата, сега во Центарот за европска политика.
На пример, тој гледа компромис помеѓу зелениот договор на ЕУ и економската безбедност.
– Веројатно не сакаме да ја пуштиме Кина во синџирот на снабдување за критична инфраструктура. Сепак, без кинеска климатска технологија, нашиот зелен договор ќе биде многу поскап – објаснува тој.
Граби, пак, не гледа долгорочен ризик за зелената транзиција, но таа вели: „На нашата чиста технологија ѝ треба многу подобра стратегија бидејќи Кинезите се обложија на чиста технологија и тие беа во право што го сторија тоа. А нашата автомобилска индустрија толку бавно реагира на сигналите на политиката, што резултираше со сегашната ситуација во која тие се во сериозна неволја“.
Внесете ја задачата за договор за нов буџет на ЕУ до крајот на петгодишниот период и сликата ќе изгледа уште посложено. Ова е секогаш тежок политички чин, но следниот ќе генерира уште потешки политички пресметки.
Официјалните претставници на ЕУ задолжени за буџетот ќе мора да вложат големи напори, а најтешко од сите е прашањето за нето-плаќачите што не сакаат поголем буџет на ЕУ во време на зголемени притисоци за трошење.
Исто така, долгот на ЕУ се искачи на 459 милијарди евра во 2023 година, удвојувајќи се од 2021 година, главно поради фондот за закрепнување во пандемијата на ковид. Досега владите на ЕУ не можеа да се договорат за тоа како да генерираат средства за враќање на долгот, и покрај претстојниот временски рок за отплата, кој започнува на крајот на 2027 година.
– Тоа може да биде неуреден политички бурен период за ЕУ. Но силата на надворешните притисоци нема да исчезне, што значи дека има добри шанси многу точки од агендата на Фон дер Лајен да станат приоритети на националните влади по пет години – рече Граби.
„Силата на надворешни настани и притисоци“ ќе создаде свој моментум, без разлика дали преку климатските влијанија, како што се поплави, пожари и бури, очекувањата на јавноста за висококвалитетни работни места или заканата од реваншистичка Русија, нагласува Граби, додавајќи: „Ние ќе почувствуваме силен притисок за Европа“.