Фото: МВР

Припадници на МВР денеска во Охрид изведоа симулациска вежба за размена на информации во реално време за трговија со луѓе и криумчарење мигранти долж Источно-Медитеранската рута.

Благодарност за успешно изведената вежба изрази заменик-министерот за внатрешни работи,  Астрит Исени, кој посочи дека прекуграничната размена на информации значително е подобрена, и помеѓу администрацииите во

Западен Балкан, но и помеѓу нив и земјите членки на ЕУ, пред се и поради бројните правни акти и канали за комуникација што стојат на располагање.

– Мое лично убедување е дека квалитетот на персоналот е од клучна важност за постигнување оптимална ефикасност, но исто толку важно е и елиминирањето на националните граници кога станува збор за размената на информации. Невозможно е – се надевам ќе се согласите со мене – размената на информации да го постигне својот целосен потенцијал кога постојат различни национални системи, бази на податоци, регистри, правни системи, легислативи за заштита на податоци, и озгора на сé – значителни проблеми во интероперабилноста. Од друга страна, пак, нашата задача не ја завршуваме единствено со размена на информации. Време е сериозно да работиме и на воспоставување практики на спонтано споделување информации или ако сакате – нивно циркулирање помеѓу нас, агенциите за спроведување на законот на национално ниво, а потоа и на регионално или европско ниво – потенцираше, меѓу другото Исени.

Тој ја искористи можноста да потсети на петте општи начела врз кои потпира Директивата на Советот и на Европскиот Парламент за размена на информации меѓу органите за спроведување на законот во земјите членки од 2023 година – достапност, еднаков пристап, доверливост, сопственост на податоци и сигурност на податоци, посебно акцентирајќи ја меѓусебната доверба како основен предуслов за успешна и ефективна размена и споделување информации.

Инаку, симолациската вежба се спровеуваше на потегот кај Студенчишкиот канал, на источното крајбрежје на Охридското Езеро.