Фото: Маја Јаневска-Илиева

Судењето за свирепите убиства на 14-годишната Вања Ѓорчевска и на 77-годишниот Панче Жежовски од Велес, продолжи со сведочењето на поранешениот началник на СВР Велес, Ристе Самарџиев, а сега вработен во полициска станица. Тој, одговарајќи на прашања на Обвинителството првенствено за исчезнувањето на велешанецот Жежовски, појасни дека телефонот на Панче веднаш го лоцирале, односно не бил исклучен и зрачел во близина на бензиската пумпа кај Велес. Го пронашле дури по два -три дена, бидејќи бил на непристапен терен. Прво се косеше и се расчистуваше теренот, изјави Самарџиев.

-На патарините има шест камери, шест инспектори гледавме, на 21-ви се појавува возилото на бензинската пумпа Лукоил, на бензинската пумпа Макпетрол не го гледаме. Отидовме лично да видиме во „Сејф сити“ и тогаш првпат гледам дека возилото е излезено од Велес. Тоа е стар систем и не се гледа најдобро. Подоцна во скопскиот регион го најдовме возилото запалено. Откако го уапсивме Велибор Манев, јас бев на неговото распрашување. Велибор ми го посочи местото на настанот. Прво нѝ кажа дека тие се виновници за убиството на Вања и местото каде е закопана Вања. Потоа нѝ го покажа местото каде е закопано телото на Панче. Тој нѝ кажуваше каде да се движиме. Тоа место нема шанса да го најдете доколку не ви го покаже некој. Кажа дека биле заедно сите четворица, а дека Палевски пукал во него. Дупката беше три метра. Викнавме пожарна да ни помогне да го извадиме телото, дупката беше прилично голема- изјави Самарџиев.

Инаку, парче од мобилниот телофон од девојчето Вања беше пронајдено во возилото на Панче, рече сведокот.

На првото одржано рочиште обвинетите Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски се произнесоа дека не се чувствуваат за виновни. Според обвинението, тие заедно испланирале грабнување на 14-годишното девојче со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп.

Судењето го води судијата Ивица Стефановски, а застапник на обвинението е обвинителката Жаклина Крстевска.