Во 1961 година Народниот одбор на Општина Битола донел одлука целиот комплекс да се преуреди и таму да се создаде парк, кој би носел спомен-обележје и кој би бил под заштита на државата. Бил изработен и проект и била направена првична пресметка, како и дел од средствата за уредување на просторот, но сепак ништо не било преземено. Во текот на 2015 година започнале конзерваторски работи на гробиштата и изградба на парк, откако претходно бил потпишан меморандум за реконструкција, заштита и конзервација помеѓу градоначалникот Владимир Талески, израелскиот амбасадор Дан Оријан и претседателката на АРХАМ, Марјана Стефановска
Знаменитостите на Македонија
Еврејските гробишта во Битола се наоѓаат на самиот влез во Битола, наспроти светонеделските гробишта и црквата „Св. Недела“, како и до старите турски гробишта. Изградени се во 1929 година, додека над влезната порта на гробиштата постоела мермерна табла на српски на која пишувало: „Јеврејско гробље Битољ 1497-1929 год“.
Кога стигнал рабинот Шабтај Џаен во Битола во 1924 година, видел дека гробиштата се на остра падина на периферијата од градот, во многу лоша состојба. Поголем дел од спомениците, и тоа токму од оние подобрите, бил разнесен и служел како градежен материјал. Понекогаш натписот бил отстрануван, но многу често останувал како некој орнамент. Преостанатите надгробни споменици биле расфрлани и скршени, а по нив се ширела мов. Рабинот Џаен отпатувал во Америка и таму собрал прилози од Евреите печалбари родум од Битола. По враќањето, рабинот почнал акција за изградба на многу убав и цврст заштитен ѕид од камен и од железо со исковани Давидови штитови, како и за средување на самите гробишта. Тој ѕид ги зачувал битолските еврејски гробишта од сквернавење и уривање дури и за времето на бугарската окупација на Македонија во Втората светска војна, додека синагогата „Арагон“ била претворена во свинска кланица.
Во 1961 година Народниот одбор на Општина Битола донел одлука целиот комплекс да се преуреди и таму да се создаде парк, кој би носел спомен-обележје и кој би бил под заштита на државата. Бил изработен и проект и била направена првична пресметка, како и дел од средствата за уредување на просторот, но сепак не било преземено ништо.
Во текот на 2015 година започнале конзерваторски работи на гробиштата и изградба на парк, откако претходно бил потпишан меморандум за реконструкција, заштита и конзервација помеѓу градоначалникот Владимир Талески, израелскиот амбасадор Дан Оријан и претседателката на АРХАМ, Марјана Стефановска.
На конзервацијата најпрвин се вршеле откопување надгробни плочи и расчистување на теренот за да може да се употребува како парк. Акцијата ја предводеле конзерваторката Орит Бортник, археологот Хен Бен-Ари и доброволци од здружението за одржлив урбан развој, архитектура и амбиент (АРХАМ). Според планот треба да се создаде алеја за сите надгробни плочи и да се засадат исто толку дрвја колку што некогаш живееле еврејски семејства во Битола.
Некои гробници од еврејските рабини до ден-денес може да се идентификуваат поради тоа што се зачувани. Објектот го обезбедува агенцијата „Карпатија“, која врши обезбедување од грабежи, вандализам и други криминални активности, поради тоа што порано имало сквернавење. Крај еврејските гробишта се пронајдени и археолошки остатоци од праисториско време. Д.Ст.