Светското првенство ќе се одржи на места од светска класа, што го нагласува уникатното место што го зазема шахот во општеството. Возбудени сме што организираме настан од ваков обем во срцето на глобалните финансии и веруваме дека акциите на шахот ќе се зголемат на глобално ниво како резултат на тоа, изјави извршниот директор на ФИДЕ, ВМ Емил Сутовски
ФИДЕ
Во Скопје од 6 до 11 декември на програмата е Европското поединечно првенство (ЕП) во забрзан и во брз шах, а Светската шаховска федерација (ФИДЕ) потврди дека Светското првенство (СП) во ова натпреварување ќе се одржи од 26 до 31 декември годинава првпат во Њујорк, и тоа на Волстрит, лоциран во срцето на финансиската област на Њујорк, во зградата каде што претходно билe сместени Њујоршката берза и Царинарницата на САД, а служела и како седиште на националната Сити бенк, пишува ФИДЕ. Турнирот за жени во шах ќе се одржи од другата страна на улицата на Волстрит, на уште едно историско место во кое некогаш биле сместени зградата на Банката на Њујорк и Музејот на американските финансии.
– СП ќе се одржи на места од светска класа, што го нагласува уникатното место што го зазема шахот во општеството. На овој настан гледам потенцијален значаен момент за нашата игра. Возбудени сме што организираме настан од ваков обем во срцето на глобалните финансии и веруваме дека акциите на шахот ќе се зголемат на глобално ниво како резултат на тоа – изјави извршниот директор на ФИДЕ, ВМ Емил Сутовски.
ФИДЕ во почетокот на септември откри дека ова СП ќе има нов формат во две фази, односно ќе го комбинира швајцарскиот систем со нокаут-систем. Првпат ќе биде вклучен и еден ден за одмор, кога конференцијата „Шах на Волстрит“ ќе ги истражува вкрстувањата на шахот, финансиите и бизнисот, информира меѓу другото ФИДЕ.
Титулите на СП 2023 во Узбекистан ги освоија Норвежанецот Магнус Карлсен во забрзан и во брз шах, Русинките Катерина Лагно во забрзан и Валентина Гунина во брз шах. Најмногу титули има Карлсен, пет во забрзан и седум во брз шах. Кај шахистките, Ју Венјун од Кина има две титули во забрзан шах и Лагно три во брз шах. Г.И.