Фото: Кабинет на претседателката Гордана Силјановска Давкова

Претседателката Гордана Силјановска Давкова, упати порака до претседателот на Еврејската заедница Пепо Леви и до сите нејзини припадници, по повод одбележувањето на еврејскиот празник Јом Кипур.

– Дозволете ми на сите припадници на Eврејската заедница во Македонија да ви посакам „денот на деновите“, најсветиот еврејски празник – Јом Кипур да го поминете во мир и хармонија, во добро здравје и во радост и љубов. Одбележувањето на празникот на покајувањето и искупувањето, со молитва и пост, ни ја посведочува длабоката и жива духовност на Еврејскиот народ. Горди сме што иако мала, еврејската заедница во Македонија, суштински придонесува за нашето општество чувајќи ги сопствените традиции и крепејќи ги заедничките вредности, соживотот и заедништвото – стои во честитката на Силјановска Давкова.

Натаму таа додава, „да го избегнеме вителот на светските геополитички искушенија и надминеме домашните премрежја. Да останеме сплотени и солидарни неуморно работејќи на просперитетот и напредокот на нашата татковина“.

– Мојата порака ја завршувам со традиционалниот поздрав за Јом Кипур – G’mar chatima tova – стои во пораката на претседателката Силјановска Давкова по повод еврејскиот празник Јом Кипур.