Американската влада вчера објави нови санкции против Иран како одговор на нападот на Техеран врз Израел на 1 октомври, пренесе ДПА.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен рече дека мерките имаат за цел да го нарушат „протокот на приходи што иранскиот режим го користи за финансирање на својата нуклеарна програма и ракетен развој, поддршка на терористичките полномошници и партнери и траење до бескрај на конфликтот низ Блискиот Исток“.
Блинкен рече дека санкциите се насочени кон „шест субјекти ангажирани во иранската трговија со нафта и идентификување на шест бродови како блокирана сопственост“.
Во меѓувреме, американското Министерство за финансии санкционираше „десет ентитети и идентификуваше 17 бродови како блокирана сопственост за нивна вмешаност во пратките на ирански нафтени и петрохемиски производи за поддршка на National Iranian Oil Company или Triliance Petrochemical Co. Limited“.
Блинкен додаде дека Министерството за финансии, исто така, работело на воведување санкции „против секое лице решено да работи во нафтените или петрохемиските сектори на иранската економија“.
– Се додека Иран ги посветува своите енергетски приходи за финансирање напади врз нашите сојузници, поддршка на тероризмот ширум светот и продолжување на други дестабилизирачки акции, ние ќе продолжиме да ги користиме сите алатки што ни стојат на располагање за да го повикаме на одговорност – рече Блинкен.
Иран на 1 октомври, истрела околу 200 проектили кон Израел како одмазда за убиствата на лидерот на палестинската милитантна организација Хамас Исмаил Ханија и шефот на Хезболах, Хасан Насралах.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се закани дека Иран ќе „плати“ за големиот ракетен напад.