Фото: „Нова Македонија“

Македонија меѓу водечките земји од кои заминуваат високообразовани лица

Во последните десетина години 40 отсто од високообразовниот и стручен кадар заминува од Македонија, која е меѓу водечките 20 земји со емиграција на високообразовните и стручни кадри, истакна државниот ревизор Максим Ацевски пред собраниската комисија за економски прашања, труд и енергетски прашања.
Ацевски презентираше извадоци од конечниот извештај за извршена ревизија на успешност на темата „Ефективност на мерките за спречување на одливот на високообразовни и стручни кадри“, подготвен од Државниот завод за ревизија, изразувајќи надеж дека барем дел од препораките содржани во него ќе биде имплементиран за намалување на одливот.
Процените од извршената анализа на ангажираниот експерт на ДЗР покажуваат дека во периодот 2013-2021 година просечно годишно мигрираат по околу 2.500 високообразовани кадри, за кои државата просечно годишно инвестирала по околу пет милијарди денари или вкупно за анализираниот период потрошила 44,7 милијарди денари. Се посочува дека одливот на високообразованите кадри ја чини државата 0,8 проценти од годишниот БДП.
По истекувањето на периодот на важност на Националната стратегија за вмрежување и соработка со високообразовани и стручни кадри 2013-2020 година не е усвоен нов стратегиски документ што го опфаќа проблемот поврзан со одлив на мозоци односно сеопфатна стратегија за економската миграција, со мерки и активности поврзани со намалувањето на одливот на високообразован кадар, со што би се намалиле и негативните ефекти во областа на економскиот развој на земјата и научноистражувачката дејност. Се констатира дека мерките од стратегијата не се целосно имплементирани.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска посочи дека со универзитетите веќе се разговара за промени за поквалитетен образовен систем, осовременување на студиските програми за да бидат интересни за младите, но и усогласување со потребите на пазарот на трудот.
Стипендирањето во голема мера треба да стимулира упис на дефицитарни струки, па оттука и стипендиите на МОН веројатно ќе подлежат на ревизија. Зборувајќи за шангајските стипендии, министерката кажа дека очигледно е потребно реобмислување на начинот на кој тие се даваат и на начинот дека студентите треба да возвратат. Ќе се прошируваат и можностите за вмрежување на младите со младите од други земји преку Хоризонт, Еразмус и други програми за образование и наука. Н.М.