Комуналното претпријатие „Турија“- Василево доцна синоќа ги информираше жителите од населените места во општина Василево-Василево, Градашорци, Ангелци, Едрениково, Добрашинци, Нова Маала и Чанаклија, кои со вода за пиење се снабдуваат од браната „Турија“, односно преку филтер станиците „Ташли Баир“ и „Добрашинци“, но и жителите на селата Дукатино, Сушево и Владевци дека по направените најнови физички, хемиски и микробиолшки анализи водата не е за употреба и пиење.
Во соопштението објавено на општинската страница стои дека Општина Василево веќе подолг период презема мерки за обезбедување на питка вода за населението.
-Обезбедени се диспанзери, шишиња вода во училиштата и градинката. Обезбедени се канистри со вода за пиење на населението, а од денеска ќе функционира и цистерна за вода обезбедена со помош на општина Радовиш. Општина Василево побара дополнителни анализи на водата за пиење во наредните денови и од Центарот за јавно здравје и паралелна анализа од акредитирани лабаратории. Екипите се на терен и работат на надминување на состојбата и решавање на проблемот за што граѓаните ќе бидат дополнително информирани – стои во соопштението од комуналното претпријатие на Василево.
Се додава дека Општината во изминатиот период направила сериозен зафат на филтер станицата „Ташли Баир“, каде е промената кварцната песок, која претходно никогаш не била променета од 2006 година,односно од изградбата на самата филтер станица, а исто така била променета и целата електроника.
Инаку, Струмица веќе 11 денови е без вода за пиење заради големото присуство на манган во водата која доаѓа од браната „Турија“ и неможноста таа да се преработува во Филтер станицата во Струмица до фаза на вода за пиење. Градот Струмица и шест населени места водата од градскиот водовод можат ја користат само како техничка, односно таа не може се користи за пиење и готвење.