Додека владите на ЕУ сѐ уште размислуваат за воведување ограничувања на цената на енергијата, во Брисел здружението на угостители одлучи да поведе интересна иницијатива. Во рестораните вечерата се служи во темница, а храната се приготвува на посебен начин.
Во Брисел, епицентарот на ЕУ, здружението на сопственици на ресторани претстави како би изгледала иднината без гас и струја. Сите се прашуваа како би изгледала не само вечера во мрак туку целата работа на еден ресторан без гас или струја. Некои од рестораните направиле експеримент – на посебен начин ги приготвувале специјалитетите за гостите, готвачите не користеле традиционални уреди за приготвување храна или пијалаци како фурни и шпорети, немало светилки во ресторанот, а сепак храната била одлична. На менито се служела ладна храна, некои специјалитети биле само лесно печени на јаглен на јапонска скара. Храната се служела на маси со запалени свеќи. Менито вклучувало бриош со аншоа, свинско месо и фокача, сето тоа приготвено на шпорет на дрва. Биле послужени сирова албакор туна, свинско на скара со грав, а за десерт – крем од рикота со џем од тиква и ф’стаци.
Сето ова што звучи како романтична вечера е всушност она со што гостите може да се соочат доколку нивните сметки за електрична енергија продолжат да растат. Драматичното зголемување на инфлацијата во Белгија, како и во цела Европа, е едноставно криза што ќе мора некако да се надмине. Шефовите од Брисел се приспособуваат, бараат нови начини за опстанок, а таквиот тренд најверојатно ќе стане и наша реалност.