Во рамките на годинашното, 14-то издание на фестивалот на нова музика „Здраво, млади“, кое ќе се одржи на 11 октомври во МКЦ, публиката ќе има можност да проследи сеопфатна и богата културна програма, која ќе биде реализирана како соработка на Младинскиот културен центар во Скопје и холандската амбасада. Програмата, чија цел е да ја промовира и слави холандската култура, ќе овозможи увид во современата холандска сцена, со разновидна понуда од уметнички активности.
Во рамките на музичката програма, публиката ќе има можност да погледне плејада млади холандски музички групи и артисти, кои со себе носат современ и моќен европски звук. Во МКЦ ќе настапат иновативните „Велосити мејд гуд“, експлозивното трио „Хауспејнтерс“, интензивното нојз-трио „Технопринт“, андерграунд даркпоп-сензацијата „Зофт“, кантавторката Ери Ванда, како и диџејски сет на независниот промотор, агент и менаџер на издавачката куќа „Југофутиризам“, Кун Хегде, или диџеј Викендица.
Во соработка со Кинотеката на Македонија и со „Ај филммузеум“ од Амстердам, публиката ќе има можност да проследи неколку архивски филма што се дел од фондот на реномираниот филмски музеј, а се патописи од Балканот, Македонија и Скопје во периодот од 1912 до 1930 година.
На еден од надворешните ѕидови од институцијата ќе биде нацртан мурал од страна на еден од најпознатите ротердамски артисти, Јорен Јошуа, чија специјалност се духовити и апсурдни илустрации од секојдневниот живот. Предвидена е и специјална работилница за урбана уметност и графити карактери со Хром, Нејм и Флим, потоа мини-саем на холандската литература и вкусување автентична холандска храна.
Фестивалот е закажан за 11 октомври. Музичката програма на фестивалот започнува во 19 часот, додека другите активности ќе се одвиваат во текот на целиот ден. Влезот е слободен.