Драган Кузманоски повеќе од две децении се занимава со сликарство

Познатиот сликар со кичевски корени, Драган Кузманоски, повеќе од две децении интензивно се занимава со сликарство и за тоа време има насликано над 450 слики, на кои доминираат селски мотиви со акцент на селската архитектура, како и пејзажи од нашите села, што е лајтмотив во неговото сликарство. Тој нагласува дека сите дела му се драги, но најмногу ја сака сликата изработена во 2020-та насловена „Пролет“.
– Иако сум насликал над 450 уметнички слики од разни големини и со разни мотиви, сепак досега најдрагата слика ја имам изработено во 2020 година, а се работи за слика изработена во техника масло на платно со име „Пролет“, каде што доминираат зрелите јаготки, кои како да те мамат секој момент да ги пробаш. Сите уметнички слики што сум ги изработил изминатите повеќе од две децении ми се еднакво драги, исто како што на родителот што му се еднакво драги сите деца. Но перфектната изработка и најавата на најубавото годишно време, како да ми препорачаа која слика од мојот опус да ми биде најдрага – вели сликарот Драган Кузманоски, кој речиси и да нема куќа во Кичевијата и Порече што не ја насликал.
Тој додава дека продажбата на уметнички слики последните години е драстично намалена и сѐ помал е бројот на нарачките на негови дела, но сепак е горд што негови слики ги красат домовите на Македонци во целиот свет.
– Иако повремено продавам свои дела што ги има на сите страни во земјава и низ светот, сепак сликата со мотивот „Пролет“ не би ја отуѓил за никакви пари и ќе го краси мојот дом сѐ додека сум жив. Можеби во иднина друга уметничка слика ќе го освои моето срце, но оваа слика ми останува длабоко во срцето -додава уметникот, кој нагласува дека иако продажбата во последниве години е помала споредено со претходната деценија, тоа не го демотивира.