На воениот стадион во градскиот парк во Скопје вчера се одбележа првиот Ден на италијанскиот спорт во светот, нов настан промовиран од Министерството за надворешни работи и меѓународна соработка на Италија, во соработка со италијанското министерство за спорт и со италијанскиот национален олимписки комитет. Овој настан, организиран од страна на Амбасадата на Италија во Скопје, се стреми да ги валоризира вредностите на почитта, страста, фер играта и тимскиот дух, карактеристични за спортот, кои истовремено претставуваат и многу корисна алатка за зајакнување на соработката и промовирање на дијалогот помеѓу народите.
Годинашното издание на Денот на италијанскиот спорт му посветува посебно внимание на фудбалот, еден од најомилените спортови во Италија, но и во Македонија. По повод овој настан, кој го претставија италијанскиот амбасадор Андреа Силвестри и министерот за спорт Борко Ристовски, беше инаугурирано новоформираното здружение на македонски навивачки клубови на италијанските фудбалски екипи „Навивачи Калчо триколоре“. Со своите бои, дресови, знамиња, шалови и други навивачки реквизити, на нивните штандови беа присутни голем број симпатизери на Јувентус, Интер, Милан, Лацио, Наполи и на Рома, така што посетителите во текот на денот можеа да се запознаат со историјата и сегашноста на овие светски познати фудбалски брендови.
По свечениот дел се одржаа фудбалски натпревари на јуниорската машка и женска екипа (8-12 години) на фудбалските клубови Брера од Струмица (настанат со спојувањето на историскиот тим на Милано и Академија Пандев од Струмица – женски и машки тим), ЖФК Џиџи – Скопје (девојчиња) и ФК Работнички – Скопје (момчиња), како и турнир во мал фудбал помеѓу навивачките клубови на италијанските екипи присутни во земјава.
Со почетокот на италијанското првенство во Серија А и почетокот на Лигата на шампионите, Лигата на Европа и Конференциската лига, во кои учествуваат осум италијански екипи, Амбасадата на Италија, во соработка со Лабораториум, исто така има намера да организира преноси на дел од најинтересните фудбалски натпревари на кои ќе играат италијанските екипи и на кои ќе бидат поканети нивните навивачи и другите љубители на фудбалот.
Денот на италијанскиот спорт исто така има цел да потсети дека Италија – чии спортисти остварија одлични резултати на неодамнешните Олимписки и Параолимписки игри во Париз – ќе биде домаќин на следните Зимски олимписки и параолимписки игри, кои ќе се одржат во Милано и во Кортина во 2026 година. Понатаму, во 2025 година Торино ќе биде домаќин на следното издание на Зимските светски игри на Специјалната олимпијада, спортски настан осмислен да промовира социјална инклузивност преку вклучување во ист тим спортисти со и без интелектуална попреченост.
Денот на италијанскиот спорт, преку своите забавни и рекреативни моменти, ќе послужи за продлабочување на љубовта кон италијанските тимови и промовирање на пријателството меѓу нашите народи, во оваа пригода преку спортот.