Алварез, кој еднаш се сретнал со четвртиот светски шампион Александар Аљехин во 1940-тите, останува активен комбинирајќи шах со вежбање
Мануел Алварез Ескудеро од Шпанија има 102 години и слави осум децении како турнирски шаховски играч. Во 2021 година Реј Линвил од шаховскиот портал „Чес“ го истакна извонредниот Мануел Алварез Ескудеро, кога наполни 100 години и уште се натпреваруваше. Сега, само две недели пред неговиот 103-ти роденден, Шпанецот се натпреварува и победува.
Алварез моментално учествува на Мораталаз опен, турнир во Мадрид со 135 играчи, од почетници до интернационални мајстори. На две кола до крајот на турнирот 102-годишникот Алварез (1.746 рејтинг-поени), кој е рангиран на 90-то место пред турнирот, беше на 75-то место со 3,5 поена. Во минатата година Алварез освои 4,5 поени во девет кола и освои награда, со што го подобри својот резултат од претходната година. Во интервјуто за шпанскиот весник „Ел мундо“, тој ја сподели својата тајна за долговечноста.
– Не пијте, не пушете, вежбајте, а од другите работи, правете колку што можете повеќе – изјавил Алварез, пренесе „Чес“.
Шахот не е единственото нешто што го одржува неговиот ум бистар. Алварез, кој еднаш се сретнал со четвртиот светски шампион Александар Аљехин во 1940-тите, останува активен комбинирајќи шах со вежбање. Според „Ел мундо“, стогодишникот неодамна играл симултанка против пет деца во локалниот институт во близината на неговиот дом, пишува „Чес“.
Алварез ги научил правилата на игра од постариот брат. Неговата турнирска кариера почна во неговите 20-ти. Според базата на податоци за рејтинг на ФИДЕ, која датира само до 2006 година, неговиот врв откако наполнил 80 години бил 2.180 рејтинг-поени. Тој со задоволство се сеќава како го победи во симултанка кубанскиот ВМ Хесус Ногуеирас, кандидат за Светско првенство во 1985 година. Во друга симултанка во 1985 година, тој го победил легендарниот ВМ Валери Салов, трет во светот, зад светските прваци Анатолиј Карпов и Гари Каспаров во 1980-тите, според „Ел мундо“, пренесува „Чес“.
За Алварез шахот отсекогаш повеќе бил за страст и другарство отколку за признанија.
– Главната цел отсекогаш била да се забавуваме и да се дружиме – одговори Алварез на претходно поставеното прашање за неговите цели во шахот.
Уште едно потсетување дека шахот е за секого и дека возраста не е бариера кога станува збор за играње, пишува „Чес“. Г.И.