Фото: Министерство за надворешни работи на Кина

Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји предупреди дека распоредувањето американски ракети со среден дострел на Филипините „го поткопува регионалниот мир и стабилност“, соопшти денеска кинеското Министерство за надворешни работи.

За време на разговорите со јужнокорејскиот министер за надворешни работи Чо Тае-Јул во Њујорк, Ванг апелираше да се избегне „војна или хаос на Корејскиот полуостров“, соопшти кинеското Министерство за надворешни работи.

САД оваа година распоредија ракетни системи „Тајфун“ на Филипините кои можат да бидат опремени со крстосувачки ракети способни да гаѓаат цели во Кина.

Кина побара нивно отстранување, а Русија се приклучи во осудата за распоредувањето на американски ракетни системи во Индо-Пацификот, обвинувајќи го Вашингтон дека поттикнува трка во вооружување.

Министерот Ванг истакна дека распоредувањето на американски ракети „не е во интерес на земјите од индо-пацифичкиот регион“.