„ЗДРАВО, МЛАДИ“ ПО 14-ТИ ПАТ ВО МКЦ

На Денот на народното востание на македонскиот народ, 11 Октомври, ќе се реализира 14-то издание на фестивалот на нова музика „Здраво, млади“, во организација на Младинскиот културен центар во Скопје. Во рамките на програмата публиката ќе има можност да гледа 17 различни музички артисти од шест земји од Европа. Годинава програмата претставува вистинско изобилство од музички артисти, кои пленат со своите настапи во живо, претставувајќи сериозна музичка разгледница од светот.
Во рамките на програмата селектирана од младата издавачка куќа и колектив „Гола планина / Мртов коњ“, публиката ќе има можност да ги чуе младата дарквејв-артистка Ата, дрон/фолк-артистот Стој, после!, панкрок-изведувачот Димиш, инди-составот „Занаду“, психоделичните „Вагина коропрејшн“, како и електронското дуо Пепи и Шабан од Македонија и енергичните „Клотљуди“ од Србија.

– Годинава Младинскиот културен центар оствари тесна соработка со холандската амбасада во Скопје, при што со нивна организациска и финансиска поддршка, како и поддршката од партнерите од европската мрежа „Лајвјуроп“ ќе се реализира музичката програма насловена како селекција „Лајвјуроп и НЛ“. Во неа публиката ќе ги проследи настапите на иновативните „Велосити мејд гад“, експлозивното трио „Хауспејнтерс“ од Холандија, соло-проектот и хрватскиот хит „Идем“, панк-изведувачот Тандара од Хрватска, како и полските џез-експериментатори „Космонауци“. Во соработка, пак, со холандската издавачка куќа „Југофутуризам“, фестивалот ќе ги угости интензивното нојз-трио „Технопринт“ од Холандија, андерграунд нојз-поп сензацијата „Соњт“, кантавторката Ери Ванда, како и диџеј-сет на независниот промотор, агент и менаџер на издавачката куќа „Југофутуризам“, Кун Хегде или диџеј Викендица – велат организаторите.
Свој диџеј-сет ќе има и резидентниот диџеј на „Здраво, млади“ уште од своето прво издание, диџеј Фиц од Ирска.
Програмата е финансиски поддржана од Министерството за култура и туризам, холандската амбасада во Скопје и од мрежата „Лајвјуроп“. Влезот на 14-то издание на фестивалот е слободен, а програмата ќе започне во 19 часот.