Има притисок, одговорност, но јас го сакам тоа. Би сакал да останам овде многу години, изјави Анчелоти, кој во минатата сезона го одведе Реал Мадрид до двојна круна
ФУДБАЛ – ТРОФЕЈНИОТ ТРЕНЕР ПРЕД 300-ОТ МЕЧ КАКО КОРМИЛАР НА РЕАЛ МАДРИД
Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти, во понеделникот изјави дека не планира да се пензионира, подготвувајќи се за својот 300-ти натпревар на чело на шпанскиот фудбалски клуб, на натпреварот со Алавес во Ла лига, пренесе агенцијата „Ројтерс“. Тој до минатото коло беше непоразен во лигата една година, а во минатата сезона го одведе Реал Мадрид до двојна круна, со триумфите во Лигата на шампионите и во Ла лига.
– Ја сакам оваа работа. Имав среќа да тренирам големи клубови. Нешто посебно е да се биде на оваа клупа, да се биде 300 пати не е баш чудо, но тоа е речиси чудо. Секако, не можете да го споредите мојот замор со оној на играчите. Има притисок, одговорност, но јас го сакам тоа. Би сакал да останам овде многу години – изјави Анчелоти.
Единствените два пораза на Реал Мадрид во минатата сезона беа од локалниот ривал Атлетико Мадрид, со 3-1 во Ла лига и со 4-2 по продолженијата од Купот на Шпанија. Тимот на Анчелоти викендов достигна 38 првенствени натпревари без пораз, со што се доближи до рекордот на Барселона од 43 натпревари без пораз од април 2017-та до мај 2018 година, пишува „Ројтерс“.
– Некои рекорди се за победување, а други за без пораз. Имаме многу долга серија и тоа значи многу успех, бидејќи нерешените резултати често многу помагаат. Мислам дека во фудбалот, ако не можеш да победиш, барем не губи. Понекогаш нерешениот резултат дава подобро чувство отколку поразот. Поразот дава опции за подобрување, тоа е вистина. Но успехот во Лигата на шампионите во минатото лежи во нашата цврстина, во начинот на кој се натпреваруваме. Ни требаше време да ја најдеме оваа цврстина во почетокот на сезоната, но ќе ја најдеме, бидејќи менталниот однос на играчите е многу добар – рече Анчелоти. Н.М.