Фото: Влада

Халил Снопче најави напуштање на владината коалиција ако се донесе Законот за бранители

По изјавата на Халил Снопче, заменик претседател на „Вреди“ дека ќе излезат од владината коалиција доколку се изгласа Законот за бранители, денеска премиерот Христијан Мицкоски на новинарско прашање, како планира ова да го реши, кусо одговори „Нека му е со среќа“.

Премиерот беше и со идентичен одговор и на прашањето за вчерашната изјава на лидерот на опозициската ДУИ, Али Ахмети, кој најавил протести и реагирал за укинување на балансерот.

– Исто така и на него имам да му порачам добро здравје и нека му е со среќа – изјави Мицкоски.

За изјавата на пратеничката од СДСМ, Славјанка Петровска која е предлагач на Законот за бранителите и го повика премиерот да постапи исто како и со Законот за унгарскиот заем, рече дека пратеничката Петровска не ги разбира парламентарните процедури и дека тој како личност не функционира на принципот на закани.

– Изненаден сум од еден професор, кој користи таков речник на закани. Тоа претпоставувам е негова одлука. Дали и кога ќе дојде Законот за бранителите, не знам, тоа не зависи од мене. Јас сум сепак претседател на Владата. Но, кога ќе дојде, тој ќе ја има нашата поддршка – истакна Мицкоски.

На новинарско прашање дали ќе го повика претседателот на Собранието да ја свика Комисијата за социјална политика, демографија и млади за Законот за бранителите, Мицкоски рече дека го повикува, бидејќи СДСМ тоа го бара.

Предлог-законот за бранители е во собраниска процедура и треба да се носи по скратена постапка, но е заглавен во Комисијата за социјална политика, демографија и млади бидејќи претседателката на Комисијата Илире Даути од редовите на Европскиот фронт предводен од ДУИ, не закажува седница.