Дали сте нарцисоидни, затворени или сакате да растете?
Обичните навики можат да откријат многу за нашиот карактер, вредности, однос кон животот, па дури и стравови. Според експертите, забавно е да се гледа како голем број карактеристики на секој човек можат да се откријат со мали нешта, начинот на кој некој пишува, како се ракува, што прави кога зборува на телефон, во која положба спие, како носи торба, како оди, како ја закачува тоалетната хартија. Дури и начинот на кој прави самослик (селфи) се најде под лупа.
Денес самосликот е составен дел од животот на секој човек што има мобилен телефон, а ретко кој го нема, исто како што е мал процентот на оние што никогаш не си направиле автопортрет-фотографија или самослик. И начинот на кој се прави тоа кажува нешто за нив. Според една студија, начинот на кој се фотографирате всушност може да фрли светлина врз вашата личност. Во истражувањето биле вклучени 123 луѓе врз кои е направен тест на личноста. Следно, истражувачите анализирале неколку атрибути на фотографиите, вклучувајќи и како учесниците фотографирале, како позирале и која е локацијата што ја избрале. Се оценувале вкупно 13 знаци. На крајот, 107 студенти ги искористија овие знаци за да ја разберат личноста на оние што правеле самослик.
Во продолжение следуваат резултатите.
Ако се сликате одоздола: Ако вашиот омилен агол е одоздола, другите може да ве доживуваат како пријатна и пријателска личност. Оние што се фотографираат одоздола често покажуваат зголемена самодоверба и желба да доминираат.
Снимањето од овој агол визуелно ја зголемува вашата фигура и ви дава повпечатлив изглед.
Ако правите пајче-фаца: Ако на повеќето од сликите ги прчите усните како пајче, ова би можело да значи дека сте емотивно нестабилни, па дури и невротични до одреден степен, барем така вели истражувањето Луѓето што прават пајче-фаца на фотографиите имаат тенденција да бидат понесериозни и екстровертни. Оваа гримаса може да биде обид да се привлече внимание.
Плазење на јазикот: Дали често го плазите јазикот додека позирате? Според истражувањата, ова може да значи дека сте забавни, полни со живот, па дури и малку наивни. Сепак, тоа може да значи и дека не ви е толку удобно пред камерата.
Сами: Оние што на своите фотографии не покажуваат ништо друго освен себеси, обично се резервирани и сериозни. Тој строг стил често укажува на промисленост, перфекционизам или дури и срамежливост.
Правите многу фотографии: Истражувањето исто така забележува дека луѓето што прават многу фотографии од различни агли имаат нарцисоидна личност и се фокусирани на себе.
Насмеани: Ако претпочитате да се смеете, веројатно сте отворени за нови искуства. Го прифаќате животот таков каков што е во целост.
Фитнес-самослик: Ако сакате да го документирате вашето фитнес-патување, луѓето можеби мислат дека се покажувате, но тоа всушност може да значи дека сте навистина фокусирани на животот и сакате да растете.
Ја криете вашата локација: Ако не сте некој што ја споделува локацијата и не сакате да го откривате приватниот простор, вие сте мошне затворени.
Самослик во спалната соба: Ако повеќето од вашите фотографии се во удобноста на вашата спална соба, тоа може да значи дека немате проблем со пуштањето на луѓето во вашиот приватен простор.