Групна изложба во Утрехт
Во градот Утрехт, Холандија, вечерва ќе биде отворена изложбата „5х10“, која ќе ги обедини делата на пет реномирани македонски фотографи: Маја Аргакијева, Огнен Ацевски, Роберт Атанасовски, Зденко Петровски и Стефан Рајхл. Оваа групна изложба, составена од по десет фотографии од секој фотограф, ќе прикаже повеќе од две децении фотографско творештво, фокусирано врз доловувањето моменти од музички фестивали и концерти во Македонија.
Фотографиите претставуваат уникатен приказ на културната и музичката сцена во земјава, каде што емоциите, енергијата и атмосферата на настапите се доловени преку објективите на овие фотографи. Со цел да се прикажат нивната посветеност и уметнички стилови, изложбата ќе ѝ овозможи на публиката увид во разновидните моменти што ја обележиле македонската музичка сцена.
Овој настан не само што ја промовира македонската фотографија туку и нуди можност за интеркултурна размена, покажувајќи ја поврзаноста помеѓу музиката и визуелната уметност пред интернационална публика. Претходно изложбата беше поставена во рамките на „Скопје синема сити“, фестивал за музички документарни филмови, и имаше одличен прием кај публиката.
Изложбата е организирана од здружението „Номад-арт“ од Скопје, со поддршка на Министерството за култура на Македонија и македонската православна црковна општина Свети Стефан во Утрехт.
Настанот има цел да го промовира македонското културно наследство, а истовремено и да им овозможи на уметниците да се претстават пред европската публика.