Етика за млади

проф. д-р Кирил Темков

На секој човек додека е дете, родителите му кажуваат како да постапува. И дедовците и бабите ги советуваат внуците кои се добри нешта, за што да водат сметка и како да внимаваат да не повредуваат други луѓе со правење нешто лошо. Младите го учат истото тоа и од наставниците во градинките и во училиштата. Гледајќи телевизија секој ќе види како некои луѓе прават некое зло и ќе знае дека не треба да се однесува така. Ако таму забележат некое добро дело, ќе знаат дека и самите треба да прават така.

Секој вторник во „Колибри“ секој може да прочита текст за етика за младите и да научи какво е најдоброто постапување. Во многу книги и филмови се расправа токму за добрината и за лошотилаците, за тоа колку е потребно да се прави добро, а колку е некорисно и лошо да се прави зло. Кога читате книга или кога гледате филмови, размислувате за тоа што го гледате и се определувате за доброто наспроти злото.
Така секој ќе порасне и ќе дојде времето кога секој самиот ќе одбира што му се допаѓа и зошто ќе го прави тоа. Исто така, умно ќе открива што е зло и од тоа ќе се откажува, а и на другите ќе им кажува да не прават така.

Кога човекот го одбира доброто, тој е сигурен дека сите луѓе сметаат дека тоа е добро и сакаат да го прават. Тоа се вика општа етика, морал за сите луѓе. Има мали разлики според различните континенти и различните човечки родови, но тие разлики не се големи – доброто си е добро секаде на светот, како што и злото секаде е зло.

Добрата мисла, добриот збор и добрата постапка се добри секогаш. Лошата мисла, грдиот збор и негативното однесување што ги повредува другите секаде се зло. Затоа секој човек треба да води сметка и така да се однесува.


Етичка мисла

Животната цел за секого секогаш е иста:
да напредува во доброто.
Лав Толстој, руски писател