Фото: „Нова Македонија“

Врз основа на повратните информации од посетителите и говорниците, овој фестивал е најинспиративниот настан во годината, поради што тие сакаат да се враќаат повторно. Нивните мислења ме инспирираат и мене. Затоа ја избрав инспирацијата како централна тема на годинашниот настан, вели Јудит Полгар. Со 20 говорници од 14 држави, презентациите ќе ги истражат потенцијалот на шахот во образованието, неговата улога во поттикнувањето социјални врски и неговиот придонес кон физичката и менталната благосостојба

Десеттиот Глобален шаховски фестивал на најдобрата шахистка во историјата, Унгарката Јудит Полгар, ќе почне утре во главниот град на Унгарија, Будимпешта. Инспирацијата е составен дел од нашите животи. Можеме да црпиме идеи од нашето утринско кафе исто како што можеме и од значаен разговор или од животното патување на најдобрата светска шахистка, чија харизма инспирира милиони. Оваа внатрешна мотивациска моќ ни ја носи шаховската жива легенда Јудит Полгар на јубилејниот 10. Глобален шаховски фестивал, пишува на официјалниот сајт на Шаховската олимпијада (ШО) што е во тек во Будимпешта.
– Врз основа на повратните информации од посетителите и говорниците, овој фестивал е најинспиративниот настан во годината, поради што тие сакаат да се враќаат повторно и повторно. Нивните мислења ме инспирираат и мене. Затоа ја избрав инспирацијата како централна тема на годинашниот настан. Гледајќи назад, како дете бев инспирирана од моите родители, моите браќа и сестри и од разни ситуации. На пример, кога имав 12 години, еден од најдобрите шахисти на сите времиња, Гари Каспаров, ја гледаше мојата партија. Како возрасна, можам да најдам инспирација во добра книга, интересна изведба, значаен разговор, интересно предавање. Ништо од ова нема да недостига на фестивалот – вели Јудит Полгар, основачка на овој фестивал.

Организаторите додадоа дека 10. Глобален шаховски фестивал ќе биде посветен на годишнините блескави средби и прослави, а повеќе од 20 програми ги чекаат посетителите на три локации.

ШАХОТ ГИ СПОЈУВА СЕМЕЈСТВАТА И ЗАЕДНИЦИТЕ

На првиот ден од фестивалот во Националната галерија, утре, посетителите ќе имаат можност лично да се запознаат со сестрите Полгар за заедничко потпишување книга, што ќе се случи првпат по пет години. Една од водечките програми на фестивалот е шаховската симулација на заедница, каде што Јудит Полгар ќе игра против осум заедници (стотици илјади луѓе). Еден од нејзините противници ќе биде „Чес“, најголемата светска шаховска заедница. Други предизвикувачи вклучуваат тим од унгарски спортски легенди, со д-р Јено Камути, национален спортист на Унгарија, и Адам Варга, носител на сребро во кајак на летните олимписки игри во Токио и во Париз. Ќе учествува и уметничката заедница претставена од поетот и критичар Жофи Кемени, музичарот Чарли, актерката и театарска режисерка Енико Есењи и писателот и филмски режисер Петер Гардош. Дополнително, ќе учествуваат и шаховскиот инфлуенсер Захари Сејн и неговата заедница. Извонредната шаховска симулација може да се следи и онлајн од 14 часот.

КРЕАТИВНИ РАБОТИЛНИЦИ, ИГРИ, ИЗЛОЖБИ И ПРЕЗЕНТАЦИИ

Какви вештини може да развие шахот од четиригодишна возраст? Како да се бориме против Алцхајмеровата болест со шах? Како шахот може да помогне во подобрувањето на социјалните вештини на децата со аутизам? Шаховски кампови во трговски центри? Ова се само неколку од прашањата на кои ќе се добие одговор на вториот фестивалски ден на четвртиот Едукативен шаховски самит, в среда. Со 20 говорници од 14 држави, презентациите ќе ги истражат потенцијалот на шахот во образованието, неговата улога во поттикнувањето социјални врски и неговиот придонес кон физичката и менталната благосостојба.
– Со фестивалот сакам да покажам колку е инспиративен шахот, во смисла дека е присутен во сѐ, во нашиот секојдневен живот, нашиот говор, во науката и во уметноста – рече Јудит Полгар.

На вториот ден од фестивалот присутните може да се сретнат и со Јудит Полгар во салата во која се играат партиите на ШО, каде што фондацијата за шах „Јудит Полгар“ ќе ги пречека посетителите со креативни работилници, игри, изложба на фотографии и презентации. Г.И.