Ѕид

Голем број македонски и бугарски аналитичари, историчари, научници итн. предупредуваат дека бугарската ирационалност и апсурдност кон македонските особености ги нарушуваат односите помеѓу македонскиот и бугарскиот народ, нагласувајќи дека доколку Бугарија не сака засекогаш да ја изгуби Македонија, потреба е позитивна промена, промена што може да се случи преку подобрување на економските и културните врски помеѓу Скопје и Софија

Доколку се направи една поопсежна анализа на македонско-бугарските односи, неизбежен е заклучокот дека се на најниска точка од македонската независност прогласена пред нешто повеќе од три децении, а причината за тоа е ирационалната политика на официјална Софија кон припадниците на македонскиот народ, како во Република Македонија, така и во соседните земји, но и низ светот. Бугарските политичко-општествени ставови кон сѐ што е македонско не само што се крути туку се и целосно апсурдни, а тоа се должи на радикалниот национализам што доминира во бугарските политички кругови. Тоа е особено видливо во постојаните негирања на македонските национални особености – јазик, историја, култура, обичаи итн. Тоа директно го кажува бугарската потпретседателката Илијана Јотова, истакнувајќи дека тие не оспорувале ничија волја за самоопределување, но дека ќе ги спречеле сите обиди „да се преземе историјата, односно да се присвојуваат факти“. Оваа и сличните изјави се во правец за политички инженеринг за нова македонска нација, односно дека припадниците на македонскиот народ имаат право на самоопределување, но само од 1944 година, а претходно имаат заедничко културно и историско наследство со бугарскиот народ, теза што се промовира од официјална Софија.

И покрај сите укажувања на меѓународните чинители дека е потребен исчекор од двете страни за подобрување на односите, нештата и понатаму не се менуваат во Софија, а потврда за тоа беше и мистериозното исчезнување на македонското државно знаме при средбата на македонската претседателка Гордана Силјановска-Давкова со бугарскиот претседател Румен Радев. Уште посимптоматична беше изјавата на бугарскиот претседател, дадена во униформа на воен пилот, дека доколку Македонија сака да продолжи по евроинтегративниот пат, тогаш ќе мора да ги исполни сите бугарски барања вметнати во преговарачката рамка. Радев не е наивен политичар и симболиката со униформата е во насока на демонстрација на моќ и сила, односно пораката е испратена до македонските власти, дека патот кон ЕУ води само преку Софија и никако поинаку. Не случајно и во пресрет на посетата на македонската претседателка на Бугарија се случи и бугарската донација за општината Пустец, која беше оценета од македонското национално малцинство во Република Албанија како „продолжување на бугарската агресија за денационализација и асимилација на Македонците во Албанија“. Де факто стана јасно дека операцијата за асимилација на македонското малцинство во Албанија и на Косово продолжува со несмален интензитет, а треба да финишира откако ќе се ремоделира и македонскиот идентитет внатре во Македонија, така што порано или подоцна ќе се активираат илјадниците издадени државјанства на македонските граѓани, кои ќе бидат ставени пред свршен чин, на следниот попис да мораат да се изјаснат како Бугари доколку не сакаат да го загубат бугарскиот пасош. Тоа е повеќе од јасно сценарио, кое се одвива со дискретно замижување на ЕУ, која намерно дозволи билатерални прашања да се вметнат во преговарачката рамка за земјава и на тој начин Бугарија да одработи во насока на целосно блокирање на процесот на проширување.

Повеќемина аналитичари и добро упатени во оваа проблематика досега неколкупати нагласија дека оваа ирационална бугарска политика е всушност градење ѕид помеѓу македонскиот и бугарскиот народ, но очигледно официјална Софија цврсто ја зграби шансата што ѝ ја даде претходното македонско раководство и сега нема намера да го пропушти она што не успеа за време на Втората светска војна, да биде голема држава од Охрид до Црно Море.

Сега, клучното прашање е што треба да се промени за да се подобрат односите меѓу двете земји и дали воопшто е можно нешто да се промени, имајќи ја предвид конзистентноста на бугарската негаторска политика кон Македонија и кон македонскиот народ. Очигледно е дека треба да се промени ставот на официјална Софија кон македонскиот национален идентитет, но тоа нема да се случи во скоро време бидејќи бугарската доктрина е целосно да се избрише македонството и да се наметне идејата за нова нација, која потекнува од 1944 година, па дури можеби и од 2018 година, по смената на уставното име. Доколку внимателно се проследат нештата, потребен е нов рецепт за подобрување на македонско-бугарските односи, а рецептот ни беше посочен од американската амбасадорка Анџела Агелер, која нагласи дека е важно да се разговара за историјата, но дека многу поважна е иднината и дека контактите треба да се насочат кон работи што ги приближуваат двата народа. Со други зборови, САД велат дека македонско-бугарските односи може да се рестартираат и да започнат да се движат во позитивна насока само доколку дојде до заеднички напори помеѓу Скопје и Софија за унапредување на економските односи помеѓу двете страни. Впрочем, транспортот и енергетиката во суштина се економско поврзување. Но, официјална Софија најдрско се опира на американските заложби за воспоставување македонско-бугарска зона на доверба и соработка, користејќи ја геостратегиската предност во светлината на руско-украинската војна. Вашингтон ја прими пораката од официјална Софија, така што во скоро време веројатно и бугарската страна ќе ги почувствува консеквенците од политиките што се спротивни на американските интереси на Балканот, а тоа може да се насети и од подготовката на нова црна листа на која би можело да се најдат нови лица од Бугарија.

Еден подолг период голем број македонски и бугарски аналитичари, историчари, научници итн. предупредуваат дека бугарската ирационалност и апсурдност кон македонските особености ги нарушуваат односните помеѓу македонскиот и бугарскиот народ, нагласувајќи дека доколку Бугарија не сака засекогаш да ја изгуби Македонија како блиска соседна земја, потребна е позитивна промена што ќе биде иницирана од бугарска страна, промена што може да се случи преку подобрување на економските и културните врски помеѓу Скопје и Софија, без никаква заднина. Официјална Софија треба да работи кон зближување на двата народа и двете држави, а не како досега, да се фали дека прва ја признала македонската независност, а во исто време да не признава народ и постојано да работи на бришење на македонскиот народ и неговиот идентитет. Впрочем, во два клучни наврата во историјата Бугарија ја одбра погрешната страна, така и овој пат, бугарските политичари повторно одбираат погрешни политики кон Македонија, со кои трајно ја затвораат вратата меѓу два блиски и пријателски народи, оставајќи ги толку блиску, но толку далеку едни од други.