Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) казни нерегистрирани производители на сирење во Прилеп и Скопје, како и месарница поради неводење на дневна евиденција за потрошени суровини за производство на подготовки од месо.
Како што информираат од АХВ, во прилепското село Ново Лагово, индивидуален земјоделец е казнет поради нерегистрирано производство на сирење и му е наложено да ја регистрира дејноста.
Во Прилеп, исто така, е изречена казна на оператор со храна – месарница поради неводење на дневна евиденција за потрошени суровини за производство на подготовки од месо.
Преку нивните редовни и вонредни контроли на целата територија на земјава казнети се и физички лица на скопскиот зелен пазар „Буњаковец“.
– Нештетно се уништени 8 килограми сирење, 2 килограми кашкавал, 5 пакувања мед со саќе во количина од 4,5 килограми, кои немале документ за потекло – стои во соопштението од АХВ.
Оттаму дополнуваат дека контрола е спроведена и во сендвичарница на овој зелен пазар каде не се утврдени неправилности.