Маршрутата овозможува возење велосипед 5.000 километри низ шест земји од Западен Балкан, вклучувајќи и 605 километри низ нашата држава
Деновиве беше промовирана нова велосипедска маршрута Транс Динарика, проект на Министерството за култура и туризам, што претставува одлична можност за промоција на рекреативниот туризам, историските локалитети, природната убавина и разновидните искуства на местата низ кои поминува маршрутата, но и зацврстување на локалната економија, создавање можности за вработување и поттикнување на културната размена.
– Оваа маршрута овозможува запознавање со прекрасните пејзажи на земјите од Западен Балкан, со различните традиции, со храната и приказните од овој регион. Многу посетители, за кои е достапна и детална дигитална навигација, за првпат можат да поминат низ локалитетите, селата и националните паркови на УНЕСКО – вели министерот за култура и туризам Зоран Љутков.
Првпат од осамостојувањето на државава, Владата во својот состав има министерство што кон секторот култура го интегрира и секторот туризам, бидејќи туризмот е важен столб за промоција на културното и природното наследство што го поседуваме, но и фактор за раст и развој на националната економија. Целта е да се унапреди туристичката инфраструктура на нашата држава како примамлива туристичка дестинација за странски посетители.
Велосипедската маршрута Транс Динарика е проект на регионалната програма „Рекономи“, финансиски поддржана од Шведската меѓународна агенција за развојна соработка, спроведена и управувана од швајцарската меѓународна развојна организација „Хелветас“, во земјите од Источна Европа и од Западен Балкан. Маршрутата овозможува возење велосипед 5.000 километри низ шест земји од Западен Балкан, вклучувајќи и 605 километри низ нашата држава.