Со овој турнир и ние, шаховските ветерани, сакаме да придонесеме на спортски план во прославата на државниот празник 8 Септември, вели претседателот на ШКВ Скопје 72, Илија Стошевски
УТРЕ ШКВ СКОПЈЕ 72 ОРГАНИЗИРА ТУРНИР ВО ЗАБРЗАН ШАХ
Здружението ШКВ Скопје72, во чест на Денот на Републиката, организира ветерански турнир во забрзан шах „8 Септември“. Турнирот ќе се игра утре во седум кола, по швајцарски систем, во „Еснаф“ во Скопје, со право на учество на шахисти не помлади од 60 години. Засега се пријавени 27 учесници, од кои пет ФИДЕ-мајстори (ФМ), а еден шахист е од БиХ. Прворангиран на турнирот е ФМ Јани Богоевски (2.235).
Турнирот ќе се рејтингува и игра по правилата на ФИДЕ за забрзан шах (15 минути, плус 10 секунди за секој одигран потег по играч). Судија на турнирот е Љубомир Хаџи-Манев, а директор Александар Сидоровски. Пријавувањето на играчите е до утре (9.45 ч.), а првото коло ќе започне веднаш по свеченото отворање. Прогласувањето на победниците и доделување на наградите ќе бидат по завршувањето на седмото коло.
– Со овој турнир и ние, шаховските ветерани, сакаме да придонесеме на спортски план во прославата на државниот празник 8 Септември. Турнирот е мошне силен, со искусни играчи, очекувам голема борба за секој освоен поен во секоја партија, а ШКВ Скопје 72, како и досега, ќе биде одличен организатор – вели претседателот на ШКВ Скопје 72, Илија Стошевски.
Наградниот фонд изнесува 11.500 денари, распределен на пет дела. Победникот, покрај славеничкиот пехар, ќе добие 4.000 денари, вториот 3.000, третиот 2.000, четвртиот 1.500 и петтиот 1.000 денари. Г.И.