Двете селекции досега одиграа еден меѓусебен натпревар, пријателски, лани во март, кога црвено-жолтите победија во Скопје со 1-0. Во второто коло на Лигата на нации, Македонија ќе игра во Скопје со Ерменија, во вторник, а во таа група е и селекцијата на Летонија
ФУДБАЛ
Македонската фудбалска репрезентација попладнево (15 часот) со мечот на гости со селекцијата на Фарски Острови во Торшавн го почнува четвртиот настап во Лигата на нации, трет во лига Ц. Во групата 4 денеска играат и селекциите на Ерменија и на Летонија (18 часот).
Македонија и Фарски Острови досега одиграа еден меѓусебен натпревар, пријателски, лани во март, кога црвено-жолтите победија во Скопје со 1-0. Во второто коло на новата сезона на Лигата на нации, Македонија ќе игра во Скопје со Ерменија, во вторник (од 20.45 часот).
Првопласираните во групите во лигите Б, Ц и Д ќе играат во повисок ранг во следното издание на Лигата на нациите. Од сезонава, пак, третопласираните селекции во групите во лигите А и Б ќе се сретнат со второпласираните во лигата Б, односно Ц, во плејофот за пласман/опстанок еден ранг погоре. Селекциите на четвртите места во секоја група на лигите А, Б и Ц ќе испаднат еден ранг подолу. Лига А ќе биде проширена со додавање четвртфинални дуели, предвидени за во март в година, помеѓу првопласираните две репрезентации од секоја група, а потоа следува фајналфор-турнирот, закажан за јуни.
Четвртата сезона на Лига на нациите се игра според изменет формат, а и овој пат таа дава можност некои од репрезентациите победници на групите да се пласираат, на големо натпреварување, овој пат на Светското првенство (СП) во 2026 година, во САД, Мексико и во Канада. Н.М.