Фото: „Нова Македонија“

РАКОМЕТ

Ракометарите на Алкалоид триумфираа во Суперкупот на Македонија, откако во Гевгелија, во спортската сала „26 април“ го совладаа шампионот на Македонија, Еурофарм Пелистер, со 33-30. За скопјани ова беше втор трофеј, откако го освоија Купот на Македонија во минатата натпреварувачка сезона.
Предводен од селекторот на македонската репрезентација Кирил Лазаров, Алкалоид имаше константна предност речиси во текот на целиот натпревар, а на полувремето замина со позитива од пет гола (19-14). Во последните 10 минути Алкалоид влезе со предност од три гола (25-22), која ја зачува до крајот на мечот. Десното крило на Алкалоид, Никола Костески, со осум гола беше прв стрелец на дуелот, а кај Еурофарм Пелистер левиот бек Кузмановски, со пет гола. Голманот на скопјани Марко Кизиќ впиша 12 интервенции, а кај битолчани Никола Митревски 11. Г.И.