Двајцата астронаути што полетаа на пробен лет во новата капсула „Боинг“ на почетокот на јуни, наместо на еднонеделен лет, ќе останат во вселената до февруари следната година. Поради преголемиот ризик од враќање на Земјата со новата капсула „Боинг“, НАСА донесе одлука двајцата нејзини астронаути од вселената да се вратат на Земјата дури следната година, со вселенското летало „Спејс екс“.
Астронаутите Бери Вилмор и Сунита Вилијамс полетаа на почетокот на јуни на пробен лет што требаше да трае една недела. Оттогаш тие се на Меѓународната вселенска станица, каде што ќе поминат повеќе од осум месеци. Тоа се должи на дефекти во погоните на нивната проблематична вселенска капсула и истекување хелиум во неа, што ги наруши првичните планови за летот до вселенската станица и назад.
Како резултат на тоа, астронаутите мораат да чекаат инженерите да ги направат потребните тестови. Речиси три месеци од полетувањето беше одлучено Вилмор и Вилијамс да се вратат на Земјата во февруари 2025 година. Капсулата „Старлајнер“ следната недела ќе се одвои од Меѓународната вселенска станица и ќе се обиде автоматски да се врати на Земјата.