Деновиве заврши снимањето на краткометражниот филм „Нова енергија“, кој е во режија и по сценарио на Сара Климоска, а корежисер е Радован Петровиќ, а во продукција на „Нест продукција“ на продуцентот Јорданчо Петковски. Филмот ја следи приказната на две најдобри другарки што низ заемна емотивна и практична поддршка успеваат да создадат нов заеднички живот бегајќи од токсичноста на нивните партнери. Ова е филм што создава две хероини и преку нив ја слави женската исклучителна и некршлива конекција и нуди свежа перспектива за женските односи, ретко видена во секојдневните медиуми.
Главните улоги во филмот ги играат Сара Климоска и Тамара Ристоска, а во филмот играат и Зоран Љутков, Александар Стоименовски, Мирјана Трпковска Костовска и Елена Сековска. Директорка на фотографија е Бојана Андриќ, една од најзначајните личности во Србија во областа на кинематографијата, позната по својата работа на многу успешни филмови, како и потпретседателка на светската асоцијација на сниматели ИМАГО.
Филмската екипа има и талентирани автори како: Горан Игњатовски (маскер), Михаил Панев (сценограф), Розе Трајчевска (костимографка). „Нова енергија“ е независен филм реализиран благодарение на приватни донации и компании пријатели на филмот. Копродуценти се „Вижн тим“ и „Филмоскопија“ од Србија, „JES продукција“ и „Контраст филм“ од Скопје.
По завршувањето на постпродукцијата, филмот ќе започне да се прикажува на домашни и меѓународни филмски фестивали, а подоцна ќе биде достапен и за пошироката публика.