Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) е затекнато во лоша финансиска состојба која што успеавме да ја санираме, информираше денеска директорот на ЈП за државни патишта, Коце Трајановски, по средбата со премиерот Христијан Мицкоски и министерот за транспорт и врски, Александар Николоски.
– На сметката имаше околу 90 милиони денари, а долговите беа околу милијарда и сто, десет пати поголеми долгови од што е состојбата на сметката, за да на 23 август, на вчерашната состојба, имаме милијарда и сто на сметката и милијарда и триста во долгови. Се приближуваме до некоја финансиска стабилност – рече директорот, по средбата на која биле презентирани проектите што се дел од работата на ЈПДП.
Трајановски информираше дека од февруари годинава не биле плаќани фактурите на многу институции, помеѓу кои ги спомена Македонија пат, на кои, како што рече, им е платено само за исплата на плати, а не е платено, како што дополни, и на Министерството за финансии во вредност од 300 милиони денари за отплата на ануитети за кредити кои ги плаќа Министерството во име ЈПДП.
– Финансиската состојба беше многу лоша, успеавме да ја санираме, пред сè во наплата на патарините. Доколку направиме споредба јули 2023 со јули 2024, имаме во јули 2024 година 66 милиони поголема наплата во однос нам минатата година, тоа јасно зборува дека ние работиме посветено и домаќински, за да би можело ова јавно претпријатие да биде во многу стабилна состојба – рече директорот на ЈПДП.