Под мотото „Симболично обединување на Вардар, Пирин, Егеј и Мала Преспа“, деновиве во Охрид, Белчишта и во Црвена Вода се одржува шестиот по ред балкански поетски камп за млади „Ванчо Николески“.
– Тука ќе се зборува, ќе се рецитира, ќе се читаат песни на македонски јазик, а утре сите заминуваме во Пустец. За среќа, ги имаме првите луѓе во Бугарија, Грција и во Албанија, кои се македонисти и работат за македонското дело – вели Веле Митаноски, организатор на балканскиот поетски камп, на свеченото отворање во училиштето „Ванчо Николески“.
Учесници се млади поети од Македонија, Бугарија, Грција и од Албанија. Тие заедно положија цвеќе на вечното почивалиште на Ванчо Николески во Охрид. Учесниците во Белчишта беа примени од градоначалникот на Општина Дебрца, Зоран Ногачески, а ја разгледаа и богатата галерија на уметничката колонија „Дебрца“. Во селото Црвена Вода ги посетија родната куќа на Ванчо Николески и Спомен-собата во училишната зграда.
Кампот од Охрид и од родното место на Николески, Црвена Вода, ќе се пресели во Мала Преспа – Албанија каде што живеат етнички Македонци. Учесниците ќе им бидат гости на своите врсници од училиштето во Пустец. Централниот прекуграничен настан е организиран во селото Глобочани, родното место на Стерјо Спасе, познат литературен деец од Албанија, со македонско етничко потекло. Во рамките на настанот младите поети ќе го посетат спомен-обележјето на холандскиот писател А. Ден Долард, а поетските работилници ќе ги води Христо Петрески.
Македонците што живеат во соседните земји не потклекнуваат на притисоците, тие сакаат да ги негуваат македонскиот јазик, култура и традиција, порачаа присутните на балкански поетски камп. Поезијата на оваа манифестација во Охрид симболично ги спојува Егејот, Пиринот, Вардарот и Мала Преспа.