Од интервјуто на реномираниот српски неделник НИН со познатиот американски економист Џефри Сакс за причините за распадот на поранешната држава
Премногу политичари во Југославија и во Европа сакаа да ѝ стават крај на Југославија, а не да ја спасат, истакна американскиот економист и универзитетски професор Џефри Сакс во интервју за српски НИН, додавајќи оти тој верувал во спас на СФР Југославија.
– Глобалната соработка со регионот во криза за да се излезе од хаосот беше главното што го препорачав во 1989 година, во поранешна Југославија, Полска и во Советскиот Сојуз, а подоцна и во Русија. Во секој од тие случаи, вклучувајќи ја и Југославија, советував финансиска надворешна помош за да се стабилизираат финансиите во нестабилна ситуација – наведе Сакс, кој беше советник на југословенскиот премиер Анте Марковиќ во 90-тите години од минатиот век.
Тој нагласува дека Европа не сакала Југославија да опстане.
– Кога го предложив тоа за Југославија, Европа го отфрли предлогот. Европа не сакаше Југославија да опстане. Тие сакаа да ја видат распадната. Верувам дека резултатите беа генерално штетни иако, се разбира, многу од земјите наследнички се среќни поради нивната независност – истакна Сакс.
Тој рече дека Србија со право се стреми да одржува добри дипломатски односи со сите партнери – САД, Русија, ЕУ, земјите од Заливот, Кина… Но оти неутралноста не им се допаѓа на САД.
– Ако нешто не им се допаѓа на САД, тоа е неутралноста. Ти си со нас или си против нас. Тоа е нивната стандардна позиција, која се заснова на ароганција и речиси никогаш не успева – посочи Сакс во интервју за НИН.
Познатиот економист смета дека Србија и Балканскиот Регион ќе напредуваат со мир, обновување на економските односи меѓу ЕУ и Русија, одржување отворена трговија и соработка со Кина, силни економски односи меѓу Балканот и Блискиот Исток, мир во Палестина (имплементација на решението за две држави за Израел и Палестина под надзор на Обединетите нации) и европското партнерство со кинеската иницијатива „Појас и пат“. Р.С.