Фото: ЕПА

Портпаролот на тимот рече дека унапредувањето во шеф на инженерите за трки било најавено уште пред паузата во август, пишува „Ројтерс“

ФОРМУЛА 1

Долгогодишниот инженер за трки на автомобилистот Луис Хамилтон, Питер Бонингтон, општо познат како Боно, доби нова работа во Мерцедес и нема да го следи седумкратниот светски шампион во Формула 1 следната сезона во Ферари. Портпаролот на тимот рече дека унапредувањето во шеф на инженерите за трки било најавено уште пред паузата во август – пишува „Ројтерс“.
Бонингтон ќе продолжи да работи со Хамилтон до крајот на сезоната, кога 39-годишниот британски возач ќе се пресели во Маранело и неговиот трет тим во Формула 1, откако започна со Мекларен во 2007 година. Тие беа заедно во тимот на Мерцедес 12 години.
Мерцедес допрва треба да ја објави замената на Хамилтон, иако Андреа Кими Антонели е голем фаворит. Италијанецот ќе наполни 18 години в недела и би можел да учествува на следниот петочен тренинг на големата награда на Италија во Монца. Сезоната во Формула 1 продолжува овој викенд со големата награда на Холандија, во Зандворт, домашна трка за Макс Верстапен од Ред Бул, кој секако ќе сака да ја добие и со тоа уште еднаш да ги израдува домашните навивачи. Г.И.