Храбрата одлука да се отфрли традиционалниот амбиент на стадионот во корист на организирање амбициозна церемонија на отворање на северниот брег на реката Сена е дизајнирана за да ги стави попреченоста и инклузивноста во срцето на општеството, пишува британски „Индепендент“
НА ШЕСТ ДЕНА ДО ПОЧЕТОКОТ НА ПОИ 2024
Париз полека повторно го зазема централното место во светските спортски случувања, како што се приближува отворањето на Параолимписките игри (ПОИ) 2024 година, кои ќе се одржат од 28 август до 8 септември. Уште само шест дена до нивниот почеток и возбудувањата на новите спортски случувања во Градот на Светлината. По Летните олимписки игри (ЛОИ), кои неодамна завршија, сега на ред се ПОИ и за првпат во Париз. Околу 65.000 гледачи се очекува да присуствуваат на чинот на отворањето, вечерта на 28 август, кога околу 4.400 кандидати за медали ќе продефилираат по должината на Елисејските Полиња, па до најголемиот плоштад во француската престолнина. Храбрата одлука да се отфрли традиционалниот амбиент на стадионот во корист на организирање амбициозна церемонија на отворање на северниот брег на реката Сена е дизајнирана за да ги стави попреченоста и инклузивноста во срцето на општеството – пишува британски „Индепендент“.
Организаторите несомнено се надеваат дека екстраваганцијата нема да биде проследена со некакви непланирани паузи со конвенции, како и на многуте предизвици наметнати од ковидот на ПОИ во Токио 2020. Маски за лице, празни штандови и секојдневни тестови за плунка беа ригорозни на најчудните Игри во историјата, кои останаа во живо сеќавање, за конечно да го заземат централното место 12 месеци подоцна од планираното – пишува „Индепендент“.
Вкупно 549 медали ќе бидат поделени во 22 спорта, во 11 натпреварувачки дена. Единственото претходно домаќинство на ПОИ во Франција се случи во 1992 година, и тоа на Зимските параолимписки игри, кои се одржаа во алпските одморалишта Тињес и Албервил.
Олимпиското село повторно е отворено северно од Париз за прием на учесниците на ПОИ 2024, со надеж дека настанот ќе го промени начинот на кој се гледа попреченоста на луѓето.
– Очекуваме приближно меѓу 500 и 1.000 пристигнувања дневно. Селото, кое се простира на 52 хектари, ќе биде домаќин на вкупно 9.000 луѓе за време на натпреварите. Покрај 4.400 спортисти, ќе има и помошници, придружници, лекари, физиотерапевти и друг персонал од спортските делегации. Сите патишта, тротоари и пристапни места се целосно достапни за лицата со намалена подвижност – вели директорот на олимпиското село, Лоран Мишо.
Во селото ќе има параспортисти од околу 180 земји, вклучувајќи ги и повеќето од 237-те спортисти во француската делегација.
– Париз 2024 година ќе го поттикне нашето движење на повисоко ниво. Ќе видиме неверојатна акција на неверојатни места блиску до иконските знаменитости. Нема сомневање дека Париз 2024 ќе бидат најспектакуларните Параолимписки игри досега – убеден е претседателот на Меѓународниот параолимписки комитет, Ендрју Парсонс, пред да го предаде факелот од Париз во Лос Анџелес на стадионот „Стад де Франс“ на 8 септември.
Според информациите што пристигнуваат од Париз, до вчера биле продадени 1,75 милион влезници и дека остануваат уште 800.000, кои можат да се набават за да се следат натпреварите. Заменик-претседателот на Организацискиот комитет на ПОИ 2024, Мишел Алојзио, информира дека за натпреварите што ќе се одржуваат на најатрактивните спортски локации во Париз биле продадени речиси 90 отсто од влезниците. Најголема побарувачка на влезници има за атлетските натпревари, каде што се продадени 500.000 влезници, а најевтиниот билет се продава по цена од 15 евра.
Како што е познато, на ПОИ во Париз ќе настапи и единствената Македонка со исполнета олимписка норма, стрелачката Оливера Наковска-Бикова, предводена од нејзиниот тренер и селектор на македонската стрелачка репрезентација, Бранимир Јовановски, кои од средата веќе се во Париз. Носителката на злато од ПОИ Лондон 2012 година во дисциплината пиштол слободен избор од 50 метри, на стрелиштето ќе излезе трипати. На 31 август, кога ќе пука со воздушен пиштол од 10 метри, на 2 септември со спорт пиштол од 25 метри и на 4 септември со пиштол слободен избор од 50 метри. Г.И.
Стрелаштвото на ПОИ 2024 низ бројки
Од 30 август до 5 септември, најдобрите во светот ќе се натпреваруваат во стрелачкиот центар „Шатору“. Стрелачкиот параспорт е дел од ПОИ од 1976 година, а годинaшните настани вклучуваат три женски, три машки и седум мешани натпревари. На ПОИ 2024 ќе настапат вкупно 160 натпреварувачи во стрелаштво (59 женска и 101 машки), од 51 држава, во седум натпреварувачки дена, при што ќе бидат поделени медали во 13 дисциплини.