И родителите форсираат. Немаат реални очекувања од своите деца, па сакаат уште во прво одделение тие да се мали ајнштајни. Го прават тоа без да се докрај свесни дека притисокот на децата им создава фрустрации, им создава страв и агресија. Затоа промените треба да почнат дома. Родителите мора да бидат поедуцирани за тоа како треба да се однесуваат во секој развоен период
Целата македонска јавност беше згрозена по објавата на видеоснимката на која се гледа како две ученички, брутално влечат за коса своја соученичка, додека другите нивни врсници сето тоа го снимаат и воопшто не се обидуваат да го спречат инцидентот. По настанот институциите веќе почнаа да се занимаваат со случајот, а јавноста бара одговорност и мерки што ќе спречат вакво насилство во иднина. А пред само неколку месеци, во период од два дена, во билтенот на Министерството за внатрешни работи, читавме како шестоодделенци крвнички се тепале на голем одмор, потоа како осумгодишна ученичка турнала врсник што паднал на глава и завршил во болница, како и дека дванаесетгодишник ги прободел татка си и брата си со нож. Од каде таква силна и неконтролирана агресија кај децата?
Сите овие случаи ни кажуваат дека се соочуваме со длабок системски проблем. Ова не се изолирани случаи, кои се реткост во македонските училишта, туку напротив, училиштата и училишните дворови одамна се рингови во кои учениците редовно си ги одмеруваат силите. Ако некогаш ја имаа, сега повеќе училиштата ја немаат воспитната улога, а кога тоа ќе се помеша со невоспитанието во семејството, тогаш последниот случај во Неготино е само логична последица на таквото однесување. Секое дете е огледало на родителот. Во семејството е основата на сѐ. Hеконтролираната агресија што ја покажуваат децата е показател за тоа дека навистина постои проблем во семејствата, кои исто како и училиштата, ја губат воспитната улога и стануваат дисфункционални.
Бројот на децата што се жртви на врсничко насилство расте, а за тоа никој не зборува ниту нешто посериозно презема. На директорите им е грижа да ги стивнат работите за да не пукне скандал, да не се оцрни името на училиштето, наместо да бараат помош да се надминат овие состојби. Педагошко-психолошките служби не може да си дозволат да не знаат што се случува во училиштето и во училишниот двор и да бидат неажурни, туку мора конечно да почнат сериозно да работат со проблематичните деца
Деветтоодделенките од Неготино се деца под ризик, деца што се во период на рана адолесценција, период во кој се случуваат многу промени кај нив. Тие живеат во време на бунт, време на испитување на границите, имаат екстремни промени во расположението, се борат со внатрешни конфликти и конфликти со околината. Кога има вакви инциденти, родителите на малтретирачите речиси по дефиниција ги обвинуваат системот, наставниците, училиштето. Неуспехот на своите деца тие го проектираат како свој личен неуспех, и затоа одбиваат да признаат дека нивното дете има проблем, односно дека тие грешат некаде во воспитувањето. Има и онакви родители што се свесни дека проблемот постои, па бараат помош од стручни лица, кои во последниве години имаат полни раце работа.
Стотици македонски ученици секојдневно трпат навреди од другарчињата, се исмевани, изложени на емотивна агресија, на маргинализирање. Бројот на децата што се жртви на врсничко насилство расте, а за тоа никој не зборува ниту нешто посериозно презема. На директорите им е грижа да ги стивнат работите за да не пукне скандал, да не се оцрни името на училиштето, наместо јавно да бараат помош, заедно со стручните служби, во надминување на овие состојби. Има деца што се натпросечно интелигентни, но се навредувани од своите соученици, нарекувани се бубалици, за на крајот, бидејќи не успеваат да останат различни, да се стопат во просечноста, затоа што системот не успева да се справи како што треба со сето тоа што се случува. Како да се намали агресијата кај денешните деца? Психолозите што работат со деца многупати предупредувале дека тие се многу осамени, отуѓени, многу малку се физички активни и речиси воопшто не си играат меѓусебно.
Поминуваат премногу време пред таблети и со телефони, а тие лошо влијаат буквално на целиот нивен психофизички развој. Овде се и родителите што истовремено форсираат немајќи реални очекувања од нив, па сакаат нивното дете уште во прво одделение да е Ајнштајн. Сето ова на децата им создава фрустрации, раѓа страв и агресија. Ете затоа, промените треба да почнат дома. Затоа родителите мора да бидат поедуцирани за тоа како треба да се однесуваат во секој развоен период, треба да посетуваат работилници по училиштата, да одат на предавања, да бидат посвесни и поодговорни во процесот на родителство. Во исто време, неопходно е да се трансформираат правилниците во кои се регулирани педагошките мерки за учениците со лошо поведение.
Мерката исклучување од училиштето и запишување во друго, едноставно не е решение. Педагошко-психолошките служби не може да не знаат што се случува во училиштето и во училишниот двор и да се неажурни, туку мора многу повеќе да се вложат и да работат со проблематичните деца. Потребно е да има законски измени по примерот на оние што неодамна беа најавени во Законот за основно образование. На сето ова мора макотрпно да се работи оти во спротивно, ќе расте бројот на сѐ позапуштени и агресивни деца.